Македонија
Партијата на пензионерите: Посветени сме на системско решавање на барањата на пензионерите
„Партијата на пензионерите (ПП) е единствена политичка партија што во својата суштина ги застапува пензионерите во сите сегменти на општественото дејствување, творење и живеење, преку својата програма и повелба, каде што, покрај социјалните, државните и развојните цели, главна целна група се пензионерите и состојбата во пензионерското организирање и живеење“.
Од оваа партија велат дека со големо внимание ги следат сите протести на пензионерите, а особено нивните барања и врз основа на извршените анализи гледа дека:
„Партијата на пензионерите ги има апсолвирано сите барања и иницијативи на иницијативниот одбор на протестите и тие веќе ги има опфатено во својата програма и платформа за работа и во своето јавно дејствување преку парламентот има поднесено повеќе барања за нивно системско решавање, што може да се види од досегашните јавни настапувања на претседателот на ПП.
Партијата на пензионери исто така не застана јавно да ги поддржи демонстрантите бидејќи иницијативниот одбор на протестите јавно се изјасни дека во протестите не сакаат да се инволвираат политичките партии, иако за волја на вистината во тој ист иницијативен одбор на протестите се наоѓаат партиски луѓе, кои се претставници на антиевроскиот блок во Македонија и чии политички партии јавно ги подржуваат протестите. Тоа се истите политички партии, кои за време на своето владеење го доведоа до колапс Пензискиот фонд и целокупниот пензиски систем во државата, а сега нудат исти решенија за проблемите што сами ги створија, како, на пример, зголемување на пензиите за 600 денари, и тоа еднаш во годината.
Партијата на пензионерите преку учеството во владината коалиција промовира политики што имаат цел стабилен пензиски систем и достоинствени пензии за пензионерите уважувајќи ги иницијативите што доаѓаат од пензионерите, а се однесуваат на подобрување на нивниот материјален статус и економска сигурност.
Партијата на пензионерите своите активности ги насочува на изнаоѓање најповолно решение за подобрување на материјалниот статус на корисниците на минимални пензии, без притоа да се загрози стабилноста на пензискиот систем и редовната исплата на сите пензии.
Партијата на пензионерите во рамките на коалицијата неколкупати иницира донесување закон за минимална пензија и во таа смисла има подготвено предлог-закон за минимална пензија и предлог на мерки за солидарна финансиска поддршка за пензионерите до просечна пензија.
Партијата на пензионерите исто така се залага за проширување на позитивната листа на лекови и неплаќање партиципација на највозрасните и на најнемоќните пензионери со помали пензии од просечната“.
Од таму додаваат дека се и секогаш ќе бидат со пензионерите штитејќи ги нивните интереси, а не интересите на тие што манипулираат со изборите во некои здруженија на пензионери и кои нетранспарентно ги трошат финансиските средства од членарината на сите, а особено на социјално загрозените пензионери.
„Секој добронамерен, чесен и способен човек е добредојден да ни се придружи со заедничко дејствување го направиме животот поубав во нашата ни единствена татковина МАКЕДОНИЈА за сите вклучувајќи ги и пензионерите. Затоа, придружете се и поддржете ја Партијата на пензионерите да имаме повеќе претставници во законодавниот дом и во извршната власт за поуспешно да се избориме за програмските цели и со самото тоа за целокупната пензионерска популација во општеството.
Правната служба на Партијата на пензионерите секогаш стои на располагање на сите пензионери за давање бесплатна правна помош“, се додава во соопштението на Партијата на пензионерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.
Македонија
СДСМ до Брнабиќ: СНС не е српскиот народ, ниту Александар Вучиќ е Србија
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, остро ги отфрла срамните и лажни обвинувања на Ана Брнабиќ на сметка на нашата реакција на изјавите на претседателот на Србија, истакнуваат од оваа партија.
„Наместо нам да ни држи лекции за „срам“, госпоѓа Брнабиќ најпрво нека се сослуша себеси, а потоа и изјавата на нејзиниот претседател.
Таа и Александар Вучиќ се навикнати да ги извртуваат фактите како што им одговара и да навредуваат секого што мисли поинаку од нивната диктаторска матрица.
Ја потсетуваме само на некои од нејзините сопствени изјави за студентските протести во Србија:
„Ова е обоена револуција. Ова е пуч, ова е обид за државен удар. Хрватска им дава логистичка, разузнавачка и финансиска поддршка.“
„Мислам дека настрешницата беше урната како почеток на обоена револуција.“
Вака таа зборува за студентите, за младите кои се иднината на Србија. СНС во Србија студентите ги нарекува „усташи““.
Тогаш, додаваат од опозициската партија, е јасно зошто Вучиќ вели дека заменичката на генералниот секретар, Радмила Шекеринска, има врска со сецесионистичката политика на Косово.
„Тоа што Александар Вучиќ ве постави, госпоѓо Брнабиќ, на чело на владата, на сите им е јасно. Да се биде послушник во режимот на Александар Вучиќ повеќе никому не треба да му се објаснува.
Вие во таа влада се прашувавте колку и Христијан Мицкоски додека Груевски беше на власт – воопшто.
Што се однесува до НАТО интервенцијата во 1999 година, токму Вучиќ беше член на таа влада, министер за информирање, чија политика директно доведе до бомбардирањето на тогашната СР Југославија.
Добро се сеќаваме на „најдобриот ученик“ на Војислав Шешељ. Тоа нема да го заборават ниту граѓаните на Србија, ниту граѓаните на Македонија.
Споменувате дека СНС и Вучиќ се единствените кои „негуваат пријателски односи“, како Македонија да е на последно место на светот.
Она што сигурно го знаеме е дека покрај тоа што СНС негува односи со ВМРО, изгледа дека негува и канабис со сестринската партија“.
Од СДСМ додаваат дека функционер на СНС беше уапсен при заплена на 5 тони марихуана која, како што напоменуваат, пристигнала од Македонија, а никој не знае како ја поминала границата.
„Велите „нема никакви претензии кон суверенитетот и територијалниот интегритет“? Што точно треба да значи тоа, госпоѓо Брнабиќ? Некоја скриена закана?
Секојдневно за регионот пласирате вести за некакви набавки на најдобро оружје, најдобри авиони, изгледа ви се допаѓа тоа ѕвечкање со оружје од 90-тите, доктрината на Војислав Шешељ.
Да ве потсетиме, можеби сте „заборавиле“, дека Македонија е полноправна членка на НАТО, како што е и мнозинството земји во вашето и нашето опкружување. Затоа тие пораки оставете ги за вашата партиска пропаганда.
За нас Србија е наш најблизок сосед, а српскиот народ го сметаме за еден од нашите најблиски пријатели.
СНС тоа не е и никогаш нема да биде. Останувате само сестринска партија на ВМРО“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Од пролет започнуваме со реализација на клучните капитални проекти за поголемо достоинство на сите скопјани
Градежните активности се одвиваат во полн ек, речиси насекаде низ градот, како јасен доказ дека дадениот збор, станува дело, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
„Со силна динамика и јасна визија, продолжуваме да ја модернизираме инфраструктурата и да создаваме услови достојни за граѓаните.
Во тек е втората фаза од реконструкцијата на улицата „Фрањо Клуз“, една од најважните сообраќајни артерии во општина Аеродром.
По децении запоставеност, оваа улица добива нов, двослоен асфалт, нови рабници и целосно уредени тротоари.
Создаваме безбеден, чист и функционален простор – и за возачите, за пешаците, но и за најмладите и највозрасните сограѓани“.
Според него, интензивни градежни зафати се одвиваат и на улицата „Никола Парапунов“, каде како што вели, се поставуваат нови, пошироки и побезбедни тротоари, со подобрена пешачка пристапност и современо урбано уредување.
„Просторот добива нов лик, а жителите услови што ги заслужуваат.
Ова е новото време за Скопје.
Време на работа, резултати и одговорност.
Од пролет, со подобрување на временските услови, започнуваме со реализација на клучните капитални проекти што ќе донесат уште посилна инфраструктурна трансформација за подобра иднина, за поголемо достоинство и за квалитетен живот на сите скопјани.
Продолжуваме. Решително и посветено“, пишува Ѓорѓиевски.

