Македонија
Пасошите привремено добиваат печат на Северна Македонија, регистрациите налепници со „НМК“
Меѓуресорската работна група, по одржаниот прв состанок ги соопшти обврските кои произлегуваат од преспанскиот договор, кој вечерва стапи на сила.
Како што соопшти Владата, Царинската управа во рок од три дена ќе треба да стави налепници на таблите на граничните премини и на двата аеродроми во земјата. Ќе се менуваат и пасошите и регистерските таблички. Издавањето на новите патни исправи ќе почне на крајот на годината, а во преодниот период МВР при излез или влез во земјата ќе става печат со новото име. Регистерските таблички привремено ќе добијат налепници „НМК“, а во рок од четири месеци наложено е Министерството за внатрешни работи да почне со издавање на новите регистерски таблички.
Понатаму, секторот за односи со јавност при Владата, во рок од 7 дена ќе треба да изработи книга на графички стандарди со која ќе утврди стандарди за визуелен приказ на уставното име Република Северна Македонија во склоп со државниот грб како лого кое го користат државните институции за јавните табли на влезот од сите институции.
Како следна точка е наведено, генералниот секретаријат во рок од 7 дена да изготви софтвер што ќе ги содржи сите институции од државно и локално ниво, како и димензиите на јавните табли. Промената на сите табли, на централно и локално ниво, да се заврши во рок од 4 месеци.
Од Меѓуресорската работна група порачуваат до сите институции дека ќе треба да извршат промена на сите дигитални записи (логoа, меморандуми, електронски комуникации, веб-страници, медиуми итн.) во рок од 3 дена, а сите институции треба соодветно да ги изменат меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, во рок од 2 недели.
Министерството за надворешни работи, се наведува во соопштението, треба да ги замени таблите во министерството, како и печатите и штембилите во министерството во рок од 2 недели, а во дипломатско-конзуларните претставништва во рок од 3 недели.
Во делот на Народната банка, со оглед на комплексноста на постапката, ќе треба да се направи анализа и план на неопходните активности за постепена замена на банкнотите, со оценета временска динамика, во рамките на редовните нови емисии, водејќи сметка за макроекономската стабилност; првите нови банкноти со новото име на Народната банка би можеле да бидат изготвени на почетокот на 2020 г. и потоа, сукцесивно, да бидат целосно заменети најдоцна во рок од 5 години од отворањето на релевантното ЕУ поглавје.
Сообраќајните знаци на меѓународните патни правци во земјата, давајќи предност на ендонимите (во англиска транскрипција) врз егзонимите (на македонски јазик во кирилско писмо) да се променат во рок од 2 месеци.
Понатаму одлучено е во рок од 6 месеци да се направи преглед и ревизија на статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктура и доколку се однесува на античката хеленска историја и цивилизација како дел од историското наследство на Грција, да се преземат соодветни корективни мерки и активности.
Во рок од 6 месеци одлучено е да се пристапи и кон отстранување на симболот истакнат на поранешното национално знаме од целиот јавен простор и јавна употреба. Археолошките артефакти се изземени, велат од Владата по состанокот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.

