Македонија
Пекарниците попуштија: од утре ќе носат леб по 33 денари, но за штетите од 4,5 милиони евра ќе ја тужат државата
Пекарниците од утре ќе продолжат со производство и ќе носат леб на пазарот, но за штетите што ќе им бидат нанесени поради замрзнатата цена ќе ја тужат државата. Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора на Македонија, вели дека ваква одлука донеле по консултации со домашни и странски експерти по одлуките на Владата, со кои им беше укината субвенцијата за струја и цената на белиот и полубелиот леб беше замрзната на 33 денари.
„Пекарите се согласија со одлуката од утре да се почне со испорака на одредени видови леб во зависност од можностите на секоја пекарница за да може да им се излезе во пресрет, пред сè, на граѓаните, но и да се остане во периодот на погрешни одлуки што ги носи Владата со несогледливи последици за македонската прехранбена индустрија. Индустријата ќе ги почитува мерките, но ќе си ја бара штетата по правна основа“, рече Малишиќ.
Експертите утврдиле дека владините одлуки се неуставни и незаконски или донесени без утврдено прекршување на пазарот според Законот за трговијата. Спротивно на одлуката, Малишиќ вели дека со записниците од инспекторатите се потврдува оти од 1 декември па сè до крајот на февруари се почитуваат сите мерки и претходните одлуки што Владата ги донела.
„По оваа основа, пекарската индустрија здружено ќе почне правна постапка со цел наплата на штетата, односно загубата што Владата ѝ ја нанесе на индустријата со донесените одлуки. Штетата до 31 мај, до кога е навестено дека ќе трае одлуката за замрзнување на цените на белиот и на полубелиот леб, ќе изнесува над 4,5 милиони евра. Битката за заштита и опстанок на индустријата ќе продолжи на правна основа“, најави Малишиќ.
За тужбата веќе ангажирале адвокати и најавуваат дека ќе ја поднесат следната недела.
Ставот на групацијата е дека пекарската индустрија е жртва на безумието и популистичките одлуки на Владата се носат на штета на индустријата. Малишиќ предупреди дека сегашната одлука за лебот не смее да се дозволи да помине оти ако помине, истото тоа ќе се случи и со остатокот од прехранбената индустрија, особено по најавата на премиерот Димитар Ковачевски дека се подготвува замрзнување на цените и на други основни прехранбени производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

