Македонија
Пендаровски: Во борбата против дискриминацијата неопходни се независни тела, кои ќе имаат знаење и капацитет
Претседателот Стево Пендаровски се обрати на свечениот прием по повод почетокот на Шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа, чиј домаќин е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на Република Северна Македонија.
Пендаровски им посака успешна работа на учесниците и позитивни резултати од конференцијата посочувајќи дека сузбивањето и борбата против дискриминацијата претставуваат предизвик не само за нашата држава и регион туку и за многу поразвиени општества и демократии.
„Како што формите и опфатот на дискриминација, за жал, постојано се прошируваат, така се наметнува и потребата од приспособување на националните законодавства, прифаќање на добрите практики и професионален пристап на сите надлежни институции и организации, со цел да се обезбеди ефективно спроведување на принципот на еднаквост во буквално сите области од општественото живеење“, истакна во обраќањето претседателот Пендаровски.
Тој посочи дека овие регионални конференции претставуваат можност за размена на добрите практики и споделување корисни идеи и искуства помеѓу националните механизми за заштита на човековите права и телата за еднаквост, а со цел да ја подобриме работата на сите фактори во овој сегмент.
Претседателот потенцира дека во оваа пригода добро е да потсетиме дека Северна Македонија изминативе години направи голем исчекор на ова поле, и легислативен и практичен.
„За успешна борба против дискриминацијата, неопходно е да имаме независни тела, кои ќе имаат знаење и капацитет да се справат со обврските, а тоа значи доследно да се имплементираат законските одредби за заштита на човековите права. Тоа понатаму значи координирано и навремено реагирање заради превенирање и санкционирање сите форми на дискриминација. Во оваа пригода сакам јавно да повторам дека ќе продолжам целосно да ги поддржувам напорите на Комисијата, особено во насока на подигање на јавната свест, информирање и едукација на граѓаните за сите видови на дискриминација со кои тие се соочуваат“, рече претседателот Пендаровски и изрази благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, која во континуитет ги поддржува активностите во овој важен сегмент преку поддршка и јакнење на националните механизми за антидискриминација.
Неодамна, Кабинетот на претседателот и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потпишаа меморандум за соработка со цел преземање координирани активности за промоција на заштитата и обезбедување целосно и еднакво уживање на човековите права и основни слободи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

