Македонија
Пендаровски во разговор со солидарни граѓани: Вашата хуманост ќе биде раскажувана и на идните генерации
Претседателот, Стево Пендаровски, преку видео врска поразговара со неколку поединци коишто со својот активизам, хуманост и солидарност помогнаа на многумина граѓани во екот на пандемијата на вирусот КОВИД-19.
„Вие секако се истакнувате според влијанието коешто го имате во средината во која живеете. Сакам да ви изразам огромна благодарност за тоа што го правевте до сега, се надевам ќе го правите и понатаму, бидејќи во ова време невреме многу малку од нашите сограѓани се решија да го направат тоа што вие го направивте. Навистина Ви благодарам. Сакам да Ве охрабрам. Имате голема поддршка од мене“, истакна претседателот Пендаровски во видео разговорот.
Претседателот го слушна искуството на д-р Александар Каревски, којшто заедно со неколкумина свои колеги на 3Д печатари изработуваат визири за заштита на вработените во здравствените установи. Нивната иницијатива за кратко време доби голем број на поддржувачи. Досега, како што рече д-р Каревски се дистрибуирани околу 8 илјади, а во текот на следната недела ќе бидат поделени уште 22 илјади визири за здравствените работници.
Пендаровски исто така се запозна и со хуманоста на семејството Велески. Тие, периодот на изолација го користат за да изработуваат заштитни маски. Во разговор со претседателот Пендаровски, Марија Велеска од скопско Визбегово рече дека досега заедно со нејзиниот сопруг и ќерката изработиле над 5 илјади заштитни маски и користејќи ги социјалните медиуми маските ги поделиле без да наплаќаат за нив.
„Давајќи им храна на тие што не можат да си ја дозволат, јас се хранам самиот себе си“, отворено вели скопјанецот Али Февзи. Тој од сопствени средства купува храна и секој ден им помага на повеќе од 10 семејства. Вели дека го исполнува тоа што го прави, но истовремено Февзи испрати и апел до институциите – на семејствата и на поединците во социјален ризик да им помагаат во континуитет, а не само во период на криза.
За одбележување, како што рече претседателот Пендаровски е и гестот на иноваторите Ивица Поцков и Никола Глигоров. Тие се креатори на УВ-гард за дезинфекција од вируси и бактерии. Поттикнати од нивната хуманост, тие досега донирале 5 вакви уреди и тоа, на скопските клиники за инфективни болести и за пулмологија и алергологија, на ГОБ „8 Септември“, како и на болниците во Свети Николе и во Кавадарци. Како што рекоа во разговорот со претседателот Пендаровски, за донација подготвуваат уште 8 уреди за дезинфекција. Во видео разговорот Ивица и Никола го информираа претседателот Пендаровски дека уредот е со УВЦ-зраци и дека дезинфицира површини, воздух и какви било материјали.
Еден од соговорниците во видео разговорот беше и кавадарчанецот Борче Стаменов, којшто веќе 4 години поправа стари, нефункционални компјутери и потоа ги донира на деца чии семејства не можат да си ги дозволат. Досега, како што рече Борче израдувал околу 220 дечиња.
Во изминатиов период кога сме соочени со пандемијата на вирусот КОВИД-19 и кога физичката дистанца е еден од начините на заштита меѓу граѓаните, околу 60 извидници во неколку скопски општини помагаа во одржување на редот. Владимир Костовски од сојузот на извидници во разговорот посочи дека нивниот активизам е во служба на луѓето, а не во служба на маркетите или банките, бидејќи најважно е здравјето на нашите сограѓани.
„Вие правите исклучително важна работа. Вашиот ангажман во изминатите два месеци ќе биде раскажуван и на генерациите коишто ќе доаѓаат. Ова нема да ви биде заборавено. Барем кај мене, а се надевам и кај целиот наш народ Вие ќе бидете забележани како вистински јунаци на нашето време“, заклучи претседателот Пендаровски во разговорот со некокумина хумани и солидарни поединци и семејства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

