Македонија
Пендаровски ги прими акредитивните писма на новиот австриски амбасадор
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма од страна на Георг Вуцас, новоименуваниот австриски амбасадор во земјава.
Како што информираат од неговиот кабинет, Пендаровски истакнал дека годинава се одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, кои, како што рекол, успешно се развиваат што се гледа и од бројните инвестиции на Австрија во нашата земја.
„Република Австрија е еден од најважните економски и трговски партнери на Република Северна Македонија, како и прв странски инвеститор во нашата земја со вкупни инвестиции од над 550 милиони евра. Токму присуството на бројните австриски компании на пазарот на Северна Македонија и честите бизнис-контакти, како и активностите на Македонско-австриската бизнис-асоцијација, дополнително придонесуваат за зближување на нашите држави и народи“, рекол македонскиот претседател.
Вуцас истакнaл дека е почестен што е назначен како амбасадор во земјава и изразил уверување дека ќе го даде својот придонес кон континуираното развивање и продлабочување на билатералните односи.
Посочил и дека Австрија е вистински пријател и ревносен поддржувач на членството на Северна Македонија во ЕУ, изразувајќи надеж дека во октомври Советот на министри за надворешни работи на ЕУ конечно ќе ја следи препораката на Европската комисија за отпочнување на пристапните преговори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Во тек се бројни проекти за зајакнување на капацитетите во здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска се обрати на четвртата годишна конференција за здравство во организација на Американската стопанска комора АмЧам, која годинава е посветена на темата „Моќта на навремената акција за здравствен систем што испорачува“.
Во своето обраќање министерот Алиу се осврна на повеќе тековни проекти за зајакнување и унапредување на капацитетите во јавното здравство. Во рамки на панел дискусијата со претставници од институциите, бизнис секторот и пациентските организации се разговараше како од реактивен да се премине кон проактивен здравствен систем.
„Дијагнозата за нашиот систем е недостиг на основни податоци, нејасно дефинирани временски процеси и краткорочни приоритети. Затоа, почнавме со изработка на десетгодишна национална стратегија за човечки капацитети, која ќе биде независна од дневната политика. Дополнително во партнерство со Медицински факултет при УКИМ и факултетите за медицински науки во Тетово и Штип, ги стартувавме реформите на специјализациите и супспецијализациите со кои ќе се опфати редефинирање на гранки, скратување на дел од програмите и зајакнување на пошироките специјализации – интерна медицина и општа хирургија – за усогласување со реалните потреби на системот, посочи министерот Алиу.
Тој го истакна и зајакнувањето на примарното здравство и превенцијата, со нови вработувања и постапка за набавка на 100 возила за итна медицинска помош, како и надградбата на дигиталната поддршка за пациентите преку ,,МојТермин”, „Мое Здравје“ и подготовка на национални мрежи за радиологија и телемедицина. Посочи дека е во тек дигиталната трансформација и воведени се нови модули во „МојТермин“ за евиденција на прегледи од областа на медицина на трудот и систем за евиденција и управување со барањата за листата на лекови, со која првпат се почнува со дигитализација на постапката за ставање нов лек на позитивна листа.
„Работиме на регионално планирање кадар и ресурси и на децентрализација на онколошката грижа во ГОБ „8 Септември“, Тетово и Битола, а во Гостивар веќе е ставена во функција нова хируршка сала за ортопедија и трауматологија. Од првиот ден воведов отворен кабинет и контакт-форма за директен дијалог со граѓаните, а во тек се консултации за пакет измени и дополнувања на 12 закони за поквалитетни и подостапни услуги. Нашата цел е јасна и споделена – тоа е здравство што навреме испорачува квалитетни услуги, со пациентот во центарот“, заклучи министерот Алиу.
Македонија
Објавен предлог-списокот за лектири за основно образование, МОН повика на јавна дискусија за негово дефинирање
Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието организираат јавна дискусија за новиот предлог список за лектири за основното образование и упатуваат покана до сите заинтересирани страни – наставници, стручни служби и други чинители во образованието, активно да се вклучат во дефинирање на современ, инклузивен и квалитетен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.
Потребата од ажурирање, како што велат од МОН, произлегува од стремежот за постојано усогласување на наставните содржини со современите образовни цели, развојните карактеристики на учениците и нивниот социјален и емоционален контекст.
Се додава дека одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно.
Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби.
„Целта е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, но и доволно слоевити за анализа и симболичко толкување, што ќе поттикнува критичко размислување, дискусија и личен развој“, велат од МОН.
Списокот е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто. Предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија.
Формуларот за предлог-книга треба да се испрати на следната адреса: [email protected] најдоцна до 30 ноември 2025 година.
Македонија
До ДИК поднесени приговори за резултатите во Брвеница, Шуто Оризари и Карпош
До претпладнево, во Државната изборна комисија (ДИК) се поднесени вкупно 16 приговори во врска со постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори, одржан во неделата, на 2 ноември.
Хаким Рамадани кој беше поддржан од коалицијата Влен за градоначалник на Брвеница, поднел приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите на избирачките места 2034, 2033, 2032 и 2035 во Брвеница.
Коалицијата „Твоја Македонија“ поднела десет приговори за избирачки места во Шуто Оризари, а приговори поднел и Сојузот на Ромите.
Приговори поднела и коалицијата „Искуство за успех“ за две избирачки места во Карпош.
Рокот за поднесување на приговори истекува денеска во 16:30 часот, односно 48 часа по објавувањето на првичните резултати.

