Македонија
Пендаровски ги прими акредитивните писма на новата хрватска амбасадорка
Претседателот Стево Пендаровски, денеска, ги прими акредитивните писма и ѝ посака успех на новоименуваната хрватска амбасадорка во земјата, Нивес Тигањ.
Како што информираат од неговиот кабинет, претседателот на средбата истакнал дека двете пријателски земји ги поврзува традиционално и искрено пријателство.
„Овие вредности се клучни елементи за градење побезбедна и попросперитетна иднина за граѓаните на Северна Македонија и на Хрватска, како и за целиот регион“, нагласил Пендаровски додавајќи дека очекува нашата земја да ги почне пристапните преговори со ЕУ токму за време на претседавањето на Хрватска, во првите шест месеци од следната година.
Амбасадорката Тигањ истакнала дека ќе продолжи да ги поддржува реформските процеси и изразила надеж за уште поголемо унапредување на билатералните односи нагласувајќи дека економијата, туризмот, како и националните малцинства на двете држави, се само дел од областите за продолжување на заемната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

