Македонија
Пендаровски ги прими лауреатот, наградените и организаторите на Струшките вечери на поезијата
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими годинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата, академикот Влада Урошевиќ, директорот на Струшките вечери на поезијата Тодорче Тасевски, претседателката на управниот одбор на фестивалот, Елизабета Шелева, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, Димитар Башески и добитник на наградата „Мостови на Струга“ на УНЕСКО за дебитантска книга, Гавин Бредли.
Честитајќи му на Урошевиќ за наградата „Златен венец“, претседателот истакна дека му претставува посебна гордост, што годинава, еден од најпознатите македонски книжевни и културни дејци е носител на ова најзначајно меѓународно признание во светот на поезијата.
Дебитантското дело на Влада Урошевиќ е збирката песни „Еден друг град“ во 1959 година. Покрај неколку десетици поетски дела, тој пишувал и проза, односно романи, збирки раскази, есеи и критики. Дел од поезијата на Влада Урошевиќ е преведена на српски, словенечки, бугарски, француски, руски, шпански, италијански и на англиски јазик. Урошевиќ е автор и на низа преводи од француската поезија.
На средбата, Претседателот упати честитки за организацијата на уште едно успешно издание на фестивалот, потенцирајќи дека Струшките вечери на поезијата се триумф на македонската култура и традиција кои истовремено го збогатуваат светскиот културен простор и дека нашата држава е горда што е домаќин на еден од најстарите поетски фестивали со препознатлив идентитет во светот. Претседателот им честиташе на поетите за освоените награди оценувајќи ги како признание за нивната поетска и литературна дејност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Српски државјанин сакал да изнесе 94.000 евра од Македонија: спречен е на Табановце
Царинските инспектори од мобилните тимови од Секторот за контрола и истраги на граничниот премин Табановце во текот на вчерашниот ден запленија девизи кои српски државјанин имал намера нелегално да ги изнесе од државава.

Поради сомневање во изјавата која ја дал патникот дека нема што да пријави и дека со себе носи помалку од 1.000 евра, царинските инспектори извршиле детална контрола на возилото и притоа на совозачкото седиште под машка јакна во црна рачна торбичка се пронајдени 44.000 евра, а во багажниот простор на возилото во црна кожна ташна биле пронајдени дополнителни 50.000 евра или вкупно 94.000 евра за кои лицето не поседувало документ за потекло на парите и не ги пријавило.

На лицето му биле вратени 10.000 евра, сума која согласно Законот за девизно работење нерезидентите можат без да пријават да ja изнесат од државава, а останатиот износ од 84.000 евра се привремено одземени.
Македонија
„Во СДС врие и револтот од Филипче веќе никој не го крие, наместо промени, партијата ја движи кон поголема пропаст“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Измина веќе и втората недела од локалните избори и историскиот пораз на СДС. Од СДС нема никакви решенија, ниту кадровски или политички промени, како што најави Венко Филипче“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Партијата продолжува се повеќе да тоне, истакнати партиски членови и поддржувачи јавно ја искажуваат нивната разочараност и повикуваат на промени, но Филипче се држи за претседателското столче како да е негова приватна сопственост.
Во СДС врие и револтот веќе никој не го крие, се погласно и се поотворено членовите, активистите и поранешни функционери зборуваат дека Венко Филипче веќе нема никаков кредибилитет и дека со секој изминат ден дополнително ја тоне партијата.
Наместо да ја прифати одговорноста за најлошиот резултат на СДС во историјата на партијата, Филипче повторно бега од реалноста и вината ја гледа на друго место, освен во себе.
Со барањето други кривци за поразот и со тоа што не поднесува оставка, Филипче само покажува дека е личност без морален интегритет и доблест.
Наместо тоа, гледаме како Венко Филипче продолжува со истите партиски комбинации, со истите луѓе и со истите веќе видени матрици. Изборот на Александар Трајановски за негов заменик, е уште еден обид да се зачува влијанието на Заев, односно таа партиска матрица и влијание што СДС го доведе до колапс.
Партиските членови, активисти и симпатизери, но и граѓаните гледаат дека вакво раководство нема ниту план, ни визија, ниту пак сила и доблест за промени.
Едно е сигурно, СДС со ваков партиски врв оди во уште поголема пропаст и ако продолжи да ги штити истите луѓе кои ја урнаа партијата, ќе исчезне од политичката сцена побрзо, сакале тие да признаат или не“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) Почнува судењето за пожарот во „Пулс”: Роднини на загинатите молкум го следат пристигнувањето на обвинетите
Под силно полициско обезбедување утрово почнува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во кој загинаа 63 лица.
Покрај новинарските екипи еден час пред почетокот на судењето пред новата судница во Идризово се дојдени роднини и семејства на загинатите. Молкум ги гледаат полициските комбиња во кои пристигнуваат обвинетите.


Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница било кабарето „Пулс“.

Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Според обвинителниот акт, со години се кршеле закони, се прикривале неправилности и се дозволувало објектот да функционира иако не ги исполнувал ниту минималните услови за безбедност. Обвинети се сопственици на дискотеката, членови на нивните семејства, архитектка, ексградоначалници, инспектори, обезбедувачи и државни функционери.

