Македонија
Пендаровски го охрабри народниот правобранител да иницира постапки: „Институцијата е граѓанска контрола над власта“
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Надзорната улога на народниот правобранител над разузнавачките и безбедносните структури од аспект на заштитата на правото на приватност на граѓаните“, во организација на народниот правобранител и Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека народниот правобранител, како заштитник на уставно загарантираните права и слободи на граѓаните, до Обвинителството може да иницира и водење соодветни кривични постапки доколку при вршењето на надзорната функција оцени дека постои основ на сомневање дека е сторено кривично дело од страна на институциите и нивните претставници. Тие овластувања од гледна точка на јавноста, како што потенцира претседателот Пендаровски, ниту се мали ниту може лесно да бидат занемарени или маргинализирани од институциите и високите функционери во нив.
„Иако имаме напредок, не можеме да кажеме дека сме ја заокружиле реформата на безбедносниот сектор и тоа токму во делот на надзорот и контролата врз работата на службите, иако тоа беа клучните сегменти во препораките што ги добивме од извештајот на Прибе, имено да се оневозможи повторување на масовното прислушување и кршење на приватноста на граѓаните, кое со години се спроведуваше од страна на дел од припадниците на службите, а по барање на тогашната власт. Во овој сегмент особена важна улога има народниот правобранител. Иако оваа институција има сразмерно помали извршни овластувања во споредба со Обвинителството или со парламентарната комисија за надзор, сепак таа е најблиску до суштината на она што се нарекува граѓанска контрола над власта, вклучително и врз еден од нејзините најсензитивни делови – безбедносните служби“, рече Пендаровски.
Образложи дека фактот што оваа институција има овластување да бара одговори од институциите на власта по претставки на граѓаните, вклучително и да врши увид во класифицираните информации со какви главно работат безбедносните служби, ги прави нејзините забелешки и препораки до институциите на власта не само основа за медиумски извештаи туку и инструмент за кревање и менување на јавната свест.
Пендаровски ја охрабри институцијата Народен правобранител во иднина да има уште поактивен пристап и дури и самата да иницира постапки што во крајна линија ќе помогнат во создавањето нова правна и политичка култура за вистинското место и улогата на службите за безбедност во демократијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.