Македонија
Пендаровски: Да се постапува неселективно и навремено кога се загрозува безбедноста на новинарите
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и Медиумските работници (ССНМ) денеска, на 3 мај, на Меѓународниот ден на слободата на медиумите го организираа завршниот настан под мотото „Безбедни новинари и медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“.
Целта на овој настан е да се испрати порака и да се подигне свеста за неопходноста од подобрување на безбедноста и социоекономското опкружување за новинарите и медиумските работници, како начин да се унапреди слободата на изразување како основно човеково право и зајакнување на улогата на медиумските организации во процесот на креирање политики.
Воведното обраќање го имаше претседателот Стево Пендаровски, кој воедно беше и домаќин на настанот.
„Безбедноста на новинарите е заедничка обврска на сите нас, но пред сè на државните институции и политичките фактори, инаку, тоа не ни треба само како политичка флоскула. Сите државни институции се должни да овозможат непречен пристап до сите информации за нивната работа, за да можат новинарите квалитетно да ги информираат граѓаните. Безбедносните и правосудните органи треба навремено и неселективно да постапуваат во случаите кога се загрозува безбедноста на новинарите“, рече претседателот Пендаровски.
Новиот извештај на Репортери без граници во кој се забележува скок во однос на слободата на медиумите во земјата не треба да значи дека битката за квалитетно новинарство и слобода е завршена.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, истакна дека кога станува збор за безбедноста на новинарите и слободата на говорот во нашата земја релативната слобода во која сега живееме не смее да нè залажува.
„Без системски решенија што ќе гарантираат квалитетна медиумска содржина и независност на уредувачката и новинарската работа, цело време ќе се вртиме во круг. Време е за суштински промени кои ќе гарантираат слобода на работењето, затоа што слободата на говорот, на мислата, тешко се стекнува, мачно се заработува, но искуството ни вели дека многу лесно може да се изгуби. Да не го дозволиме тоа“, истакна Чадиковски.
Претседателот на ССНМ, Беловски, истакна дека Социоекономската состојба на новинарите, покрај безбедноста, е најважниот услов за развивање на она што го викаме слободно новинарство. „Новинарство без можност за влијание врз уредувачката политика, и услов без кој новинарите и медиумските работници не можат да се ослободат од притисоците од различните групи од интерес, и услов за намалување на самоцензурата, која и според нашите анализи и според извештаите на меѓународните организации е широко распространета во Македонија“, рече Беловски на панел-дискусијата на тема „Подобрување на безбедноста и социоекономското опкружување за новинарите и медиумските работници: Каде сме и како да одиме напред?“.
На работниот дел се обратија и Катарина Синадиновска, претседателка на СЕММ, Билјана Петковска, извршна директорка на МИМ, и Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, а заклучокот беше дека постои потреба од системски решенија кои ќе гарантираат долгорочна заштита на правата и интегритетот на сите медиумски работници. Зголемувањето на економските стандарди на новинарите е важно бидејќи на тој начин тие ќе бидат поотпорни на притисок и ќе бидат помотивирани да продуцираат квалитетна содржина што му служи на јавниот интерес. Затоа е потребно е да се поддржи дебатата за креирање национален независен фонд, но не за поддршка на медиумите, туку за поддршка на професионалното новинарство и за квалитетната медиумска содржина која ќе го промовира јавниот интерес. Владините кампањи, пак, платени со пари од граѓаните претставуваат ризик дополнително да го нарушат кревкиот медиумски пазар, а тоа да се одрази негативно на слободата на медиумите и да се занемари јавниот интерес во медиумските известувања, беше истакнато на панелот.
Во рамки на настанот се организираше и изложба со фотографии и видеопроизводи за присутните. Оваа изложба е резултат на пријавените дела на учесниците на повикот за изработка на фотостории насловен како „Сликни го твојот глас!“ чија цел е преку слика и порака да се прикаже како е да се биде жена и новинарка/медиумски работник во Македонија и проблемите поврзани со безбедноста и работничките права со кои се соочиле или сè уште се соочуваат новинарките, уредничките, жените главни уредници и жените сопственици на медиуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

