Македонија
Пендаровски: Државата веднаш да најде начин да се набави лекот „трикафта“
Претседателот Пендаровски искрено сочувствува со семејството на починатиот Благојче Илиевски, велат од неговиот Кабинет.
Точно е дека претседателот Пендаровски има одржано не една, туку повеќе средби со здруженијата на граѓани болни од цистична фиброза на нивно барање. И не само со нив, туку и со многу други здруженија на граѓани во кои членуваат или работат со граѓани од ранливите групи, истакнуваат од неговиот Кабинет.
„Секогаш и безусловно претседателот и Кабинетот се заложуваат да решат што повеќе системски проблеми што ги имаме во нашата држава независно што не спаѓаат во неговите надлежности. Во однос на обезбедување на лекот ‘трикафта’, претседателот Пендаровски, како и членовите на неговиот Кабинет, имаше комуникација и даде повеќе предлози до надлежните институции: Владата, министерот за финансии, министерот за здравство и до менаџерскиот тим на Фондот за здравствено осигурување за тоа како и од каде да се обезбедат средства за набавка на лекот“, потенцираат службите на Пендаровски.
Претседателот Пендаровски, додаваат од таму, смета дека државата треба да најде начин, кој е најсоодветен, за да се набави лекот „трикафта“ веднаш.
Денеска, опозицијата обвини дека „Пендаровски и Ковачевски со години ги злоупотребуваат трагичните судбини на болните од цистична фиброза ветувајќи им лек, се фотографираа со нив, ги користеа за себепромоција и на крајот ги оставија без нужниот медицински третман“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

