Македонија
Пендаровски: Државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите во Уставот

Претседателот Стево Пендаровски има свој претставник од Кабинетот кој учествува во работната група за уставните измени.
„Јас учествувам преку мој претставник и со тоа јасно го кажувам мојот политички став, дека сум за овие уставни измени, сметам дека тие не се нешто страшно и сметам дека државата нема да пропадне ако ги внесеме Бугарите заедно со другите шест-седум народи“, рече Пендаровски.
Претседателот не знае колку седници ќе бидат потребни, но оцени дека е добро што почнува постапката и што ќе се одвива пред очите на јавноста, без скриени агенди.
Министерството за правда минатата недела го објави и тимот експерти што ќе учествуваат во работната група за уставните измени. Од Министерството велат дека списокот на работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови, кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.
Опозициските партии одбиваат да учествуваат во работната група.
Вчера, Бугарите од Македонија со писмо до премиерот Димитар Ковачевски предложија да бидат вклучат и нивни претставници во работната група за уставните измени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Се бара донација од пченка и јаболка оти мечки се доближуваат до селата околу Шар Планина

Националниот парк „Шар Планина“ повика на донации во форма на домашна пченка и јаболка, бидејќи се забележани повеќе случаи во кои мечки се доближуваат до планинските села во потрага по храна.
Од тука велат дека во последните две недели, сè почесто се забележуваат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк. Овој феномен, како што се додава, е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
„За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки. Бараме доброволни донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана“, велат од Националниот парк.
Се додава дека дистрибуцијата на храната ќе ја извршува нивната управа во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.
Македонија
Николоски: Договорот со Обединетото Кралство е од историско значење за Македонија и развојот на државата

Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска е од историско значење за развојот на државата, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес во Собранието е изгласан Законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Овој договор е од историско значење за Македонија и развојот на државата. Со овој договор се потврдува партнерството помеѓу двете држави! Заеднички ќе направиме огромни проекти и ќе ја направиме Македонија многу подобро место за живеење!“, напиша вицепремиерот Николоски.
Македонија
Неопходно е да се додаде по уште една лента на експресниот пат Штип – Кочани, експертите ценат дека има и технички недостатоци

Денеска во Кочани претставници од Одделот за сообраќај на Министерството за внатрешни работи присуствуваа на експертскиот панел „Безбедносните ризици на експресниот пат Штип – Кочани“.
Панелот беше инициран од универзитетскиот професор Јован Шоповски со поддршка на општествено одговорната компанија „Амфенол Технолоџи Македонија“. На панелот учествуваа и претставници на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, експерти и професори од универзитетите во Скопје и Штип, сообраќајни инспектори во регионот и други учесници засегнати од проблемите на новоизградениот експресен пат.
Сообраќајните експерти се согласија за неопходноста од подигање на безбедносните услови на оваа делница при што се предложија одржливи решенија.
Еден од најприфатливите предлог решенија на експертите е концептот „два плус два“, односно додавање по една коловозна лента на постојните и нивно физичко разделување.
Во дискусиите беа потенцирани и неколку критични точки на кои се случиле најголемиот број од несреќите во кои имаше жртви, при што освен возењето со неприлагодена брзина и непочитувањето на сообраќајната сигнализација, беа наведени и некои технички недостатоци за кои консензусот беше дека мора да се отстранат во најбрз можен рок.