Македонија
Пендаровски: Иселувањето е една од најголемите закани за националната безбедност
„Иселувањето е една од најголемите закани за нашата национална безбедност“, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање.
Според него, решението е час поскоро, со натпартиски консензус да се усвои стратегија за справување со овој огромен проблем.
„За ова, сите партии и политичари имаме идентичен став затоа што се иселува нашата младост, независно од етничката или партиска припадност. Неповратно заминува паметта, енергијата и креативноста на цели генерации кои имаат огромен потенцијал да ја направат својата земја пристојно место за живеење.По случајот во кој беше инволвиран првиот човек на некогашното СЈО граѓаните како уште повеќе да изгубија надеж дека правдата и борбата против корупцијата се возможни. Наша обврска како политичари е, не на некој друг, наша обврска е таа надеж дека правдата е достижна и дека нема недопирливи, да им ја вратиме на граѓаните.
Владата ја постави борбата против организираниот криминал и корупцијата за свој највисок приоритет и тоа е за поздравување. Меѓутоа, во Владата, исто така, треба да бидат свесни дека успехот во таа борба, ќе биде во исто време и клучниот индикатор, според кој, не Брисел, туку нашите граѓани ќе ценат дали ќе го оправда мандатот што го доби на изборите на 15 јули“, додаде претседателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мобилните царински тимови лани реализирале 271 заплена и спречиле 28 кривични дела
Мобилните царински тимови во текот на минатата година оствариле 271 случај на заплени, при што во 39 случаи запленети се 5.500 штеки цигари и 27,5 килограми тутун за наргиле, во четири случаи запленети се 195,5 килограми дрога, во 14 случаи запленети се 230 илјади евра, а запленети се и над 39 илјади парчиња лекови. Воедно, постигнат е значителен напредок за заштита на правата од интелектуална сопственост, при што во 39 случаи запленети се над 112 илјади парчиња производи со потпис на познати трговски марки.
Извршени се над осум илјади прегледи на возила при што спречени се 28 кривични дела, како и прекршочни дела во кои утврдените избегнати давачки изнесуваат осум милиони денари.
Постапувано е и по 30 барања за асистенција, при што во последен случај со помош на царинско куче од К9 единицата пронајдени се 10 килограми кокаин.
Мобилните царински тимови учествуваа и во три поголеми меѓународни акции – Shield VI, Stop IV, и ARMSTRONG XI. Станува збор за меѓународни акции чија цел е спречување на нелегална трговија со фалсификувани лекови и анаболици и заштита на правата на интелектуална сопственост преку спречување нелегална трговија со фалсификувани стоки, како и спречување на обиди за тероризам.
Македонија
Евакуирани 250 лица по поплавите во Кичево, од нив три се бебиња, а 58 деца на возраст од 2 до 10 години
Во општина Кичево, како резултат на поплавите, се евакуирани и згрижени вкупно 250 лица. Од нив, 61 се деца – меѓу кои едно дете на возраст од 1 месец, едно од 2 месеци, едно од 7 месеци и 58 деца на возраст од 2 до 10 години. Меѓу евакуираните има и 189 возрасни лица, од кои 102 жени и 87 мажи, како и 11 лица со инвалидитет.
Од Црвениот крст, исто така, соопштија дека со материјална штета се засегнати вкупно 362 домаќинства, односно околу 1.200 лица кои се соочуваат со последиците од временската непогода.
За привремено сместување на евакуираните е обезбедена спортската сала „Христо Узунов“ во Кичево, каде им се обезбедуваат основни услови за престој.

Надлежните служби и Црвениот крст на РСМ остануваат на терен и продолжуваат со активностите за помош и поддршка на погоденото население.
„Волонтерите на Црвен крст на Република Северна Македонија продолжуваат да бидата на терен и активно обезбедуваат помош и поддршка за загрозените од поплавите низ нашата државата. Тие неуморно работат на дистрибуција на хуманитарна помош, вклучувајќи сместување, храна, вода, топли оброци, душеци, ќебиња и основни хигиенски средства со цел да им помогнат на семејствата кои се соочуваат со тешки последици од временските непогоди“, велат од Црвениот крст.

Покрај материјалната помош, волонтерите пружаат и психосоцијална поддршка (ПСС), обезбедувајќи разговор, емоционална поддршка и насоки за справување со стресот и траумата предизвикани од поплавите. Тие помагаат при евакуација, вршат проценка на потребите на погоденото население и соработуваат со локалните институции за побрзо и поефикасно справување со состојбата на терен.
Македонија
Андоновски најавува имплементација на вештачката интелигенција во администрацијата откако ревизијата утврди дека не се создадени предуслови
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема „Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор“, на која се обрати и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Во обраќањето, министерот посочи дека констатираните наоди се третираат со целосна сериозност и ќе бидат искористени како основа за понатамошни институционални унапредувања. Во извештајот се констатира дека во анализираниот период јавниот сектор немал воспоставена целосна стратешка, законска и инфраструктурна рамка за системска примена на ВИ.
„Овие наоди се сериозни и ги третираме како основа за институционално подобрување. Но важно е да се нагласи дека од периодот опфатен со ревизијата до денес се преземени конкретни чекори“, истакна Андоновски.
Министерот нагласи: „Во доменот на вештачката интелигенција, стратегиите и законите се неопходна рамка – но тие сами по себе не создаваат капацитет. Технологијата се развива побрзо од секој нормативен документ. Ако останеме само на стратегии, ќе заостанеме. Затоа паралелно работиме на конкретна имплементација.“
Во продолжение, министерот ги презентираше активностите што веќе се спроведуваат за воспоставување системска рамка за вештачка интелигенција во јавниот сектор:
Национална ИКТ стратегија 2025–2030 како хоризонтална дигитална рамка, со позиционирање на ВИ како стратешка технолошка оска и предвиден акциски план за ВИ во јавната администрација.
Национална стратегија за вештачка интелигенција во подготовка, преку работна група под координација на Министерството, со вклученост на академската заедница, приватниот сектор и Агенцијата за заштита на лични податоци, усогласена со европската регулаторна рамка.
data.gov.mk со AI — интеграција на AI асистент за пребарување на природен јазик и генерирање структурирани одговори од објавените сетови, со цел зголемена практична употребливост на отворените податоци.
ВЕЗИЛКА — иницијатива за развој на GPU капацитети и основа за развој на модели на македонски јазик, како инфраструктурен предуслов за ВИ, со поврзување со европскиот AI/HPC екосистем.
Заштита на лични податоци и етичка рамка — планиран механизам за проценка на ризик (AI impact assessment), етички принципи, транспарентност и засилена институционална координација.
Осврнувајќи се на суштинското прашање од ревизијата — дали јавниот сектор е подготвен за ВИ — министерот истакна дека во анализираниот период подготвеноста не била целосна, но дека денес системски се воспоставува рамка и се оди кон оперативна примена.
„Вештачката интелигенција нема да биде административен проект. Ќе биде технолошка трансформација во служба на граѓаните“, порача Андоновски.

