Македонија
Пендаровски и уште осум претседатели на членки на НАТО: „Русија веднаш да се повлече од окупираните територии“

Претседатели на дел од земјите-членки на НАТО од централна и источна Европа, меѓу кои и Стево Пендаровски, во заедничка изјава кажаа дека не ги признаваат и никогаш нема да ги признаат руските обиди за анектирање на која било украинска територија, по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин за анексија на четири украиски региони.
„Ние, претседателите од Централна и Источна Европа, од земји чиишто лидери го посетуваа Киев за време на војната и лично беа сведоци на последиците од руската агресија, не можеме да молчиме пред фрапантното прекршување на меѓународното право од страна на Руската Федерација и во таа насока ја даваме следнава изјава: Повторно ја изразуваме нашата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Не ги признаваме и никогаш нема да ги признаеме руските обиди за анектирање на која било украинска територија.
Цврсто стоиме на одлуката од НАТО Самитот во 2008 година во Букурешт за членството на Украина во иднина.
Даваме целосна поддршка на Украина во својата одбрана од руската инвазија, бараме од Русија веднаш да се повлече од сите окупирани територии и ги охрабруваме сите сојузници значително да ја зголемат воената помош кон Украина.
Секој што ќе изврши чин на агресија мора да сноси одговорност и да биде изведен пред правдата“, се наведува во заедничката изјава.
Потписници на заедничката изјава се Милош Земан, претседател на Чешката Република Алар Карис, претседател на Република Естонија Егилс Левиц, претседател на Република Латвија Гитанас Науседа, претседател на Република Литванија Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија Мило Ѓукановиќ, претседател на Република Црна Гора Анджеј Дуда, претседател на Република Полска Клаус Јоханис, претседател на Романија Зузана Чапутова, претседателка на Словачката Република.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Се’ уште чади во Трубарево преку песокот со којшто е затрупан отпадот, спречено е ширење на пожарот

Благодарение на брзата и координирана акција на скопските пожарникари, спречено е ширење на големиот пожар што вчера избувна во Трубарево, во магацини со пластичен и електронски отпад, изјави утрово директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како што рече, со навременото делување спасени се четири објекти, но и голема количина на пластичен отпад до која не дошол огнот.
И покрај тоа, чадењето сè уште е присутно од под песокот со кои се затрупани литумските батерии. Пожарникарите во моментов работат на навлажнување на песокот за целосно догаснување, со оглед на тоа што ваквиот вид отпад е исклучително тежок за гаснење, рече Ангелов.
Паралелно, околу 2:30 часот по полноќ, екипи на скопската противпожарна бригада интервенирале и на депонијата Дрисла, каде биле забележани пламени јазици. Се работело за испарување на гас, а брзата интервенција спречила опасност пламенот да го зафати главниот дел од депонијата.
„Состојбата во Дрисла е стабилна, продолжуваме со агресивно затрупување на преостанатиот дел, бидејќи најмалку половина од местото што гореше вчера е веќе покриено. Дел од механизацијата беше пренасочена во Трубарево,“ изјави Ангелов.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува опозицијата дека ги подметнува пожарите на депониите

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ повторно ги обвини опозициската СДСМ и ДУИ за намерно подметнување на пожарите околу Скопје.
„Хипокризијата кај СДС е се поизразена – наутро сеат страв со повици граѓаните да седат дома, а навечер прават журки во Градски парк, во меѓувреме се занимаваат со специјалноста палење депонии, одговорност ќе има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека честите пожари во депониите не се случајни, туку се организирани од двете партии, и најавуваат одговорност за секој што, како што наведуваат, „игра со здравјето на граѓаните заради власт“.
ВМРО-ДПМНЕ и вчера кога избувна големиот пожар во Трубарево во фирма која се заминава со елекронски отпад и пластика го впери прстот во опозициските партии. Од друга страна, СДСМ за состојбата со пожарите на депониите ги обвини кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседател на СДСМ, Венко Филипче, вчера преку својот профил на Фејсбук упати јавна реакција за пожарот во Трубарево и за потенцијалната опасност по здравјето на граѓаните. Тој ги повика институциите итно да излезат со точни податоци дали и колку е загаден воздухот во и околината на Трубарево.
Македонија
Меџити доцна синоќа се огласи за Трубарево: Пожарот е под контрола, резултатите од мерењата се очекуваат

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, доцна синоќа се јави од Трубарево, каде што вчера избувна голем пожар во објект за рециклирање на батерии и електронски отпад, што предизвика ширење на штетни супстанци во воздухот.
„Денешниот пожар во објектот за рециклирање на батерии и електронски отпад разбирливо предизвика загриженост кај сите граѓани. Фирмата има 10-годишна дозвола добиена во 2021 година. Апелирам на смиреност и доверба во институциите. Веднаш реагиравме, нашите инспектори го мереа квалитетот на воздухот и ситуацијата е под контрола,“ изјави Меџити во изјавата испратена до медиумите околу 3 часот по полноќ.
Тој рече дека првите резултати од мерењата се очекуваат во секој момент, но податоците утрово не се објавени.
Министерот за животна средина пристигнал во Трубарево доцна навечер, а во текот на целото попладне присуствуваше на партиските активности. Тој не се појави ниту на вонредната владина прес-конференција за пожарот, на која присутни беа министри од сите засегнати ресори, а новинарите го бараа поради итноста на состојбата. Меџити неколкупати се вклучи во живо на социјалните мрежи од партиските активности на кои присуствуваше во пресрет на локалните избори, каде е кандидиран за градоначалник на Чаир.