Македонија
Пендаровски: Кога папата и Саудиска Арабија ги затворија храмовите, не гледам зошто нашите верски заедници не би го почитувале тоа
За одлуката на МПЦ верниците да се причестуваат од иста лажичка, да јадат леб од иста рака, односно храмовите за Велигден да бидат отворени, претседателот Стево Пендаровски посочува дека не гледа зошто во моменти кога папата или најсветите места во Саудиска Арабија ги затвориле храмовите, нашите верски заедници не би го почитувале тоа.
„На 20 март оваа година саудиските власти донесоа одлука за затворање на двете најсвети џамии за секој муслиман во светот бидејќи таква е ситуацијата. Бидејќи здравјето на верниците е најважно и во оваа ситуација без преседан, секој верник, ќе најде начин како да ја практикува верата. Ако тоа го прави папата или најсветите места, така да се однесуваат и да бидат, дури и затворени во оваа ситуација, не можам да видам зошто нашите верски заедници тоа не би го почитувале“, рече Пендаровски.
Тој вели дека го поздравува тоа што МПЦ и ИВЗ постојано повторуваат дека сите верници треба да се придржуваат до мерките на Владата, меѓу која е и да се ограничи движењето.
„Да не излезе дека јас ја критикувам политиката на раководствата на најголемите верски заедници кај нас, треба да го кажеме и тоа дека раководствата на МПЦ и ИВЗ до овој момент во сите свои јавни објави и во сите настапи ги поддржуваат мерките на Владата и апелираат до верниците најсветите празници да ги поминат во домашни услови или со почитување на препораката да нема повеќе од петмина во еден простор. Има време кога ќе заврши пандемијата и да се вратиме на практикување на верата онака како што тоа секоја од верите го налага“, кажа Пендаровски.
Претседателот рече дека прописите важат за сите, без разлика на која вероисповед припаѓаат.
„Во нашата држава никој не смее да биде привилегиран, ниту да биде дискриминиран по верска, религиозна основа. Ниту еден верник не може да има повеќе права од оние што не се верници или верник од една вероисповед да има повеќе права од некој од друга вероисповед. Следната недела почнуваат рамазанските пости, кои ќе траат еден месец. Значен дел од нив се одвива во време кога треба да има полициски час. Како ќе се поставиме сега, така државата мора да се постави и кон припадниците на друга вероисповед. За припадниците на која било вероисповед, правилата, прописите, уредбите на Владата, важат и за нив, важат и за мене, важат за кој било во оваа држава и мора да се почитуваат без резерва. Не може да се прогледува низ прсти на една категорија луѓе, а за друга да не важи“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заедно со народот до уште една историска победа, изборниот процес помина мирно и демократски
„На крајот од овој значаен изборен ден, можеме со гордост да кажеме дека Македонија уште еднаш покажа зрелост, достоинство и демократска свест. Денес, нашата држава помина низ мирни, фер и демократски избори кои се гордост за секој наш граѓанин“, кажа Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој упати огромна благодарност на сите граѓани кои излегоа на гласање и ја покажаа својата одлучност и доверба.
„Сите извештаи говорат дека изборниот ден помина во мирна и достоинствена атмосфера. Тоа е доказ дека Македонија знае да спроведе демократски избори по највисоки стандарди.
Ние како ВМРО-ДПМНЕ очекуваме одличен изборен резултат. Во првиот круг граѓаните го направија вистинскиот избор, а сега во вториот, очекуваме разликата да се зголеми во наш прилог. Очекуваме голема победа!
Знаеме дека граѓаните очекуваат резултати, решенија и нова енергија. Ние таа доверба нема да ја изневериме. Од утре, продолжуваме со работа, со уште поголема посветеност и одговорност.
Во текот на вечерта, на следните прес-конференции ќе почнеме и со објавување на првите неофицијални резултати од гласањето“, извести Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференцијата.
Македонија
Обвинителство: Доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење на евентуални кривични дела поврзани со изборниот процес во текот на денешниот ден го следеше вториот круг од гласањето на локалните избори, а во јавните обвинителства беа организирани вонредни дежурства со цел навремена координација и давање насоки за постапување на надлежните органи.
Изборниот ден помина без поголеми нарушувања на изборниот процес, а до јавното обвинителство во текот на денешниот ден е доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче. Итно се дадени насоки за документирање на настанот кој претставува прекршок, извести Обвинителството.
И покрај мирниот изборен ден, Комисијата на Јавното обвинителство останува активна до целосно завршување на изборниот процес, а сите што евентуално имаат сомненија за кривично дело поврзано со изборниот процес тоа можат да го направат во сите јавни обвинителства во државава или на посебната електронска адреса [email protected]
По сите пријави за кривични дела поврзани со изборите јавните обвинителства постапуваат со приоритет, соопшти Обвинителството.
Македонија
(Видео) „Влен“: Нашите кандидати добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат
„Процесот на гласање во вториот круг од локалните избори во целина се одвиваше во мирна и демократска атмосфера во сите општини во кои денес се одржа гласањето, вклучително и во општините каде што учествуваше коалицијата ВЛЕН“, кажа портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.
„Според информациите од теренот, процесот на гласање се одвиваше без некои неправилности и во духот на граѓанска одговорност.
ВЛЕН изразува благодарност до сите граѓани кои денес го остварија своето избирачко право мирно и достоинствено, покажувајќи на тој начин висока демократска култура.
Истовремено, очекуваме од Државната изборна комисија фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе како и во првиот круг со целосна транспарентност, точност и професионализам, во согласност со законот и со волјата на граѓаните.
Според нашите информации од теренот, кандидатите на коалицијата ВЛЕН добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат и очекуваме резултати кои ќе ја потврдат таа доверба.
ВЛЕН ќе продолжи внимателно да го следи процесот до објавувањето на конечните резултати и останува посветен на фер избори, почитување на секој глас и зајакнување на довербата во демократските процеси“, изјави портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани.

