Македонија
Пендаровски контра Заев: Амбасадорите имаат право да ги штитат бизнисите на своите граѓани
Амбасадорите имаат право да ги штитат приватните бизниси на своите граѓани, смета претседателот Стево Пендаровски.
Тој ги коментира вчерашните најави на експремиерот Зоран Заев дека ќе го тужи австрискиот амбасадор Георг Вуцас, кој претходно побара да се сменат судии и обвинители во случај со фирма поврзана со роднина на Заев.
Пендаровски вели дека и нашите амбасадори, кои ја претставуваат нашата држава во странство, имаат обврска да ги штитат интересите и на приватните бизниси на нашите граѓани во странство, а не само на институциите.
„Го следам случајот и слушнав коментари дека австрискиот амбасадор наводно се меша во нашите внатрешни работи. Но, тука не станува збор за никакво мешање во нашите внатрешни работи оти секој амбасадор има легитимно право и обврска да си ги штити интересите на својата земја. Вчера видовме реакција и од поранешниот премиер Зоран Заев, кој упати на институционална разврска, па очекувам македонските институции да утврдат дали навистина имало непочитување на меѓународна арбитража“, рече Пендаровски.
Вчера, поранешниот премиер Зоран Заев порача дека ќе го тужи австрискиот амбасадор ако уште еднаш го спомене неговото име во негативна конотација.
Неговата реакција доаѓа по соопштението што го испрати австриската амбасада до медиумите, во кое бара смена на судии и обвинители што постапувале во спор меѓу австриска и валандовска компанија и обвинува дека Австријците не може да наплатат долг од 4,5 милиони евра иако имало пресуда на Меѓународниот арбитражен суд во Виена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патниот правец Удово – Валандово
Сообраќајот на патниот правец P1105 – Удово – Валандово, кој поради излевање на Калковска Река беше во прекин, е нормализиран, извести АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 05:25 часот и се пренасочуваше на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Македонија
Сиљановска-Давкова учествува на Светскиот самит на владите во Дубаи
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, по повод учеството на Светскиот самит на владите.
Претседателката ќе биде главна говорничка на сесија посветена на демографските промени. Таа ќе говори за перспективата на државава во однос на демографските промени и нивните импликации врз националниот развој.
Сиљановска-Давкова ќе учествува на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, како и на Светскиот самит на лауреати, што се одржува за прв пат во пресрет на Светскиот самит на владите, со вклучување на носители на Нобеловата награда и водечки научници во дебатите за креирање политики.
Предвидени се повеќе билатерални средби на Сиљановска-Давкова со учесници на самитот.
Централна тема на настанот е „Обликување на влади на иднината“.
Светски самит на владите е глобален форум што поврзува шефови на држави и влади, меѓународни организации, експерти, претставници од приватниот сектор и други креатори на политики со цел да се промовира глобална соработка, иновации и решенија за идни предизвици на светско ниво. Самитот ги истражува најновите трендови и најдобрите практики во управувањето, технологијата, одржливиот развој и други клучни области за подобрување на животот на луѓето ширум светот.
На годинешното издание на самитот е најавено учество на над 35 шефови на држави и влади, повеќе од 150 владини делегации и околу 6.000 учесници.
За време на работната посета на ОАЕ, претседателката Сиљановска-Давкова ќе биде придружувана од министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.

