Македонија
Селективната правда не е правда: амбасадата на Австрија со критики за македонскиот правосуден систем
Преку допис, амбасадата на Австрија го критикува македонскиот правосуден систем, барајќи да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „Дена трејд“ за производство на корнишони.
Австриската компанија, како што стои во информацијата во случајот не може да си наплати долг од 4,5 милиони евра во меѓународна арбитража.
Според појаснетото во соопштението, станува збор за компанија која се занимава со трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи, која има побарувања во висина од 4,5 милиони евра од „Дена“.
Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, со критики до македонското правосудство, бара да се разрешат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони, поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Во отвореното писмо од Амбасадата на Австрија во Македонија се опишува проблемот:
„Основниот граѓански суд во Скопје на 7 јуни годинава издаде времена мерка во корист на компанијата AMMA Import Export GmbH (AMMA), со седиште во Хоенемс, Австрија, високо ценет индустриски снабдувач на зеленчук во регионот на Југоисточна Европа, првенствено ангажиран во трговија на големо и дистрибуција на земјоделски производи. Со забраната се замрзнува недвижниот имот на фирмата ДЕНА ПРОДУКТ Увоз Експорт Велес (ДЕНА) во сопственост и управуван од г-дин Атанас Костов од Валандово до признавање и извршување на арбитражна одлука во износ од приближно 4,5 милиони евра дадени на 3 јануари 2023 година во фер и транспарентен процес од реномиран меѓународен арбитер, во корист на АММА. Не е изненадувачки што мерката е обжалена.
Испаѓа дека патот до извршување на меѓународна арбитражна одлука во Северна Македонија е тежок и комплициран, и ги загрозува инвестициите преземени од австрискиот инвеститор. Во случајов времето е значителен фактор, со оглед на тоа што ДЕНА уште од почетокот, со поддршка на сродни компании, извршители и нотари, презема разни активности за да ги избегне и спречи легитимните побарувања од АММА, и тоа на следниве начини:
– најголемиот дел од својот имот го префрли на ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово, (ГЛОБАЛ), поврзана компанија која е во сопственост на г-ѓа Емилија Заева Костова, сопруга на г-дин Атанас Костов, и братучетка на поранешниот премиер Зоран Заев,
– помогнала во спроведување на две извршни решенија против сопствените стакленици и имот во Валандово, при што има јасни докази дека официјалниот јавен катастар е изманипулиран како поддршка на овие акции, и трето,
– спровела јавно наддавање на сопствена стаклена градина во Богданци на 10 јули 2023 година, иако е во тек граѓанска постапка и кривична истрага.
Со последното закажување на јавното наддавање на 10 јули 2023 година, во корист на компанија поврзана со ДЕНА, АММА речиси сигурно нема да може да си го наплати отштетниот износ од 4,5 милиони евра.
Зошто австриски инвеститор мора да ангажира три адвокатски канцеларии и да поднесе повеќе од десет тужби за признавање на арбитражна одлука во Северна Македонија? Како е можно да се манипулира со информациите од Централен катастар, официјалниот јавен регистар? Како може да продолжат извршни постапки, кога во исто време против некоја фирма се изречени привремени судски мерки, а против неа се води истрага? Зошто надлежните институции во државата, најважно, се Советот на јавни обвинители, Државниот јавен обвинител, Вишото јавно обвинителство – Скопје, се целосно неактивни и воопшто не го истражуваат случајот?
Дали ДЕНА и ГЛОБАЛ ги заробија судството и службениците (извршителите и нотарите)?
Како последица на тоа, австрискиот амбасадор Георг Вуцас побара од Судскиот совет и Советот на обвинители во неодамнешното писмо итно да ги отстранат сите неспособни или пристрасни судии и обвинителите во овие случаи. Секој притисок и влијание се некомпатибилни со независноста на судството и мора да се пријават за понатамошно постапување. Покрај тоа, амбасадорот Георг Вуцас ги повикува надлежните Комори на извршители и Комора на нотари да ги укинат лиценците на нотарите и извршителите кои ја злоупотребиле својата службена положба и овластување во конкретниот случај.
Австриската амбасада будно ќе ги следи понатамошните случувања во оваа работа, вклучително и сите нерешени правни барања до судовите и до јавното обвинителство. Ние ги изразуваме нашите големи надежи и очекувања дека правосудниот систем во Северна Македонија ќе дејствува самостојно и правично и ќе дозволи владеењето на правото да преовладува во разумна временска рамка.
Австриската амбасадата ги повикува сите одговорни медиуми во Северна Македонија да бидат сведоци на јавната аукција во просториите на извршителот Ангел Костадиновски во Кавадарци, на 10 јули во 12:00 часот. На аукцијата ќе присуствува и амбасадорот Георг Вуцас, а тој ги повикува сите одговорни граѓани кои се залагаат за владеење на правото, особено државниот јавен обвинител, да му се придружат. Ако заложбите за борбата против корупцијата и организираниот криминал се искрени, сега е време да се обрне внимание, а не да се гледа настрана“, се вели во писмото од амбасадата на Република Австрија во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

