Македонија
Пендаровски: Наместо да се извинат за 27 април, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател најавува амнестија за насилниците
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски на 7 -годишнината од упадот во Собранието, кој се случи на 27 април 2017-тата година, истакна дека насилниците коишто влегоа да тепаат пратеници и новинари, не им се извинија ниту на граѓаните, ниту пак на луѓето кои ги поттикнуваа на насилство против своите сограѓани, само за да ги зачуваат своите фотелји затоа што не сакаа мирно да ја предадат власта, туку повеќе беа подготвени да ја жртвуваат државата. Наместо извинување, сега ВМРО – ДПМНЕ и нивната кандидатка за претседател најавуваат амнестија на насилниците доколку дојдат на власт.
„За жал истите луѓе кои на тој ден упаднаа во Собрание, сега бараат власт. Претседателот на главната опозициона партија беше влезен исто така. Не велам дека сите што влегоа внатре се криминалци, меѓутоа сакав да го прашам и тогаш и сега што бараше внатре во Собранието? Дали да ја заврши работата која ја организираа од неговата партија, да не дозволи мирен трансфер на власта – сите знаеме дека беше тоа, имаше судски пресуди на таа тема. За жал од тогаш поминаа 7 години, ни еден од актерите, особено ниту еден од организаторите не се извини затоа што за прв пат во историјата партијата на власт за да не ја даде власта организира бунт и со помош на пратеници, нападна пратеници, еден, двајца беа на работ на смрт. Освен што не се извинија, денеска нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија“, рече Пендаровски.
И дополнително, како што додаде Пендаровски се претставуваат како патриоти кои ја бранеле Македонија.
„Јас разбирам да кажеш криви биле тие и тие, по име и по презиме и да речеш дека многу им се високи казните или во име на некакво национално помирување да им простиме дел од казната, да си одат дома, било што било. Но ништо од тоа не се случува, само се најавува амнестија. Според мене тоа е јасен индикатор дека на таков начин, ако дојдат на власт и ќе се владее“’, додаде Пендаровски денеска во Пештани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

