Македонија
Пендаровски: На 24 април заокружете број 1 за стабилност во следните пет години
Претседателскиот кандидат Стево Пендаровски попладнево беше со жителите на општините Чашка и Свети Николе.
Заблагодарувајќи им се за масовното присуство, Пендаровски истакна дека имајќи предвид дека во изминатите пет години постојано бил меѓу своите сограѓани, тие знаат за што се залагал и знаат дека така ќе продолжи и во следниот мандат. Во оваа насока Пендаровски посочи на двете големи придобивки за земјата во последните неколку години, односно членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ.
„Затоа овие избори се многу важни. Не смееме да дозволиме да се врати претходната власт. Постигнавме добри договори, се смиривме и се договоривме со соседите. Тие сакаат одново да преговараат и да изгубиме уште 10-15 години. До тогаш овие деца што ги гледаме тука ќе заминат од Македонија”, подвлече Пендаровски.
Говорејќи дека како претседател не ги дискриминирал луѓето по ниту една основа и не ги делел на наши и на ваши, Пендаровски ги повика граѓаните на Чашка и на Свети Николе масовно да гласаат уште на првиот круг од изборите.
„Дајте да продолжиме со истите овие луѓе. Не ни треба пак да се караме внатре меѓу нас или пак да се караме со соседите. Мојот слоган е ,,Нашиот претседател” затоа што јас сум ваш, вие сте мои, сите сте наши”, подвлече Пендаровски.
На прашање од присутните во однос на обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од изборите, Пендаровски одговори дека нема потреба да бојкотира зошто ќе ги добие изборите.
Граѓаните побараа коментар и околу изјавите на Гордана Силјановска-Давкова дека е неопходна реформа на Уставот.
„Јас мислам дека нејзината изјава е многу поопасна. Значи, тие три години како политичка партија се борат против промена на Уставот, да не биле Бугарите дел од преамбулата на Уставот. Но госпоѓата не зборува за тоа. Таа зборува за нов Устав, внимавајте зборува за граѓански Устав. Дали во тој граѓански устав како што го нарекуваат ќе има воопшто место за Македонците? Според мене тоа е многу опасна идеја освен ако госпоѓата не се потруди да објасни што подразбира под нов, граѓански Устав” одговори Пендаровски.
Во рамки на изборниот караван вечерва Пендаровски ќе одржи централен митинг во Велес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

