Македонија
Пендаровски: Не се очекува поголем бран мигранти, но ако дојде до тоа, институциите се подготвени
Претседателот Стево Пендаровски денеска изврши обиколка на позициите на Армијата стационирани на јужната граница на државата. Во караулата „Гоце Делчев“ на граничниот премин Богородица претседателот Пендаровски поразговара со војниците за нивните обврски во пограничниот дел на државата, начинот и периодот на нивна ротација.
Исто така, командантот на бригадата го информира Пендаровски за работата на припадниците на Армијата во караулата „Гоце Делчев“, но и во другите караули во пограничните градови на јужната граница на земјата.
Во изјавата за медиумите претседателот потенцира дека во моментот не е регистриран поголем број илегални мигранти, освен вообичаените за овој период од годината и додаде дека не се очекува поголем бран мигранти, кои од соседна Грција би влегле во Северна Македонија. Но, и да се случи тоа, како што рече претседателот Пендаровски, сите надлежни институции се подготвени.
„Државните органи на дневна основа следат што се случува тука, имаме и на дневна основа размена со партнерските служби, практично на дневна основа има и состаноци на управувачкиот комитет во Центарот за управување со кризи, каде што секоја надлежна институција има свој претставник, вклучително и кабинетот на претседателот. Од неодамна е, според законот, активиран и новиот орган за координација на службите, кои исто така имаат дневни процени, дневни анализи. Од пред два дена можам да ви кажам дека и армискиот контингент тука го зголемивме, не можам да зборувам за бројки бидејќи тоа се класифицирани информации, меѓутоа го зголемивме. Не во очекување на некој голем бегалски бран, меѓутоа во очекување на тоа што евентуално може да се случи, да не нè фати неподготвени. Знам дека тоа се случува и со единиците на вработените од МВР“, истакна претседателот Пендаровски.
Истовремено, како што додаде претседателот Пендаровски, притисокот од мигранти сега е на турко-грчката граница и дека бранот бегалци личи на оној во 2015 и 2016 година.
„Ние сме дел од една поширока, да ја наречам, низа од држави кои морааат да бидат подготвени, па макар и како транзитна зона, што се вели, меѓутоа јасно е дека искуството од 2015 и 2016 година е огромно и вредно во таа насока. И да има евентуален прилив, ве уверувам дека сите надлежни органи се тука и се будни, анализираат и разменуваат информации, така што практично не можам да видам ситуација во која ќе бидеме изненадени. Ако можевме со највисоки оценки да го завршиме менаџментот на кризата 2015/2016 со тој транзит од над еден милион и триста илјади луѓе преку нашата територија, сега, не дај боже, да дојде таква ситуација, меѓутоа ние сме подготвени, и повторувам, тоа не можеме да го направиме сами, освен со одлична соработка со партнерските држави во рамките НАТО и се разбира со нашиот сосед Грција“, заклучи претседателот Пендаровски.

Претседателот на јужната граница го посети и Транзитниот центар „Винојуг – Гевгелија“, каде што се врши регистрација на мигрантите што во Северна Македонија влегуваат од Грција. Одговорните лица во Транзитниот центар го информираа претседателот Пендаровски дека Центарот е целосно подготвен за прифаќање и привремен престој на мигранти. Во моментот во центарот престојува само едно семејство од Авганистан. Според одговорните лица, Транзитниот центар истовремено има и хуманитарен карактер, односно згрижува луѓе со социјално загрозен статус. Во центарот во континуитет се присутни претставници на Црвениот крст, УНХЦР и доктори што им укажуваат неопходна помош и поддршка на лицата што привремено се сместени тука.
На јужната граница, односно на граничниот премин помеѓу Северна Македонија и Грција, претседателот Пендаровски ја посети и точката 59. Во последниот мигрантски бран во 2015 и 2016 година на ова место, покрај железничката пруга, беше најголемиот наплив на бегалци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

