Македонија
Пендаровски: Ова е заедничка битка, препораките мора да се почитуваат

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, преку својот фејссбук-профил изрази сочувство за Италија и сите нејзини жители, за големиот број на жртви од коронавирусот.
„Тажни вести слушаме од Италија секој ден. Бројот на жртви од Ковид-19 во едно деноноќие се брои во неколку стотици. Сликите од болниците се страшни, а трендовите се неповолни. Загрижувачки вести слушаме секојдневно и од многу други земји, во нашиот регион и подалеку“, истакнува претседателот.
Тој смета дека иако кај нас бројките се само во благ пораст, мораме да бидеме претпазливи.
„Да ги почитуваме препораките, да бидеме одговорни кон јавното здравје и да бидеме солидарни, колку можеме да си помагаме. Ограничете го своето движење и излегувајте од дома само за значајни потреби“, вели претседателот додавајќи дека ова е заедничка битка, за заштита на сите околу вас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на состанок со министрите од ЕУ: Сега е време за дела, не само за зборови

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на неговиот полски колега, министерот за надворешни работи Радослав Сикорски, учествуваше на неформалниот работен ручек на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ (формат GYMNICH), кој се одржа во Варшава, Полска.
Состанокот, организиран во рамки на претседавањето на Република Полска со Советот на Европската унија, претставува обновување на форматот на неформални средби помеѓу ЕУ и земјите-кандидати, по подолга пауза во неговото редовно одржување.
Темата на состанокот беа актуелните предизвици во европската надворешна и безбедносна политика, со посебен акцент на прашањата поврзани со градењето отпорност кон хибридните закани. Дискусиите беа фокусирани на практични чекори за подобра координација меѓу ЕУ и земјите-кандидати во однос на хибридните закани и влијанието од трети страни.
Во својата изјава пред почетокот на состанокот, министерот Муцунски изрази задоволство од одржувањето на средбата и упати благодарност до министерот Сикорски за вклучувањето на земјите-кандидати во овој процес.
„Во време на геополитичка несигурност, важно е земјите-кандидати да соработуваат со членките во создавањето стратегии за справување со заедничките предизвици. Клучно е што ја претставувам и земја-кандидат и земја која е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ. Затоа, одлуките и предизвиците со кои се соочуваме се заеднички. Драго ми е што денес соработуваме со колегите од ЕУ, и се надевам дека ваквата практика ќе продолжи и во иднина“, истакна министерот Муцунски.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој додаде дека земјите-членки очекуваат од Европската Унија да го надмине јазот меѓу очекувањата и практичната испорака.
„Претставувајќи ја мојата земја, уверувам дека сме посветени на реформите, на усогласувањето со правото на ЕУ и на спроведувањето на реформската агенда, како дел од Планот за раст. Но, очекуваме Брисел и земјите-членки да ја исполнат обврската кон Западен Балкан дадена пред многу години. Тоа значи вистинско проширување, но и крај на билатерализацијата на пристапните процеси за земјите од регионот. Слушаме сѐ повеќе за јасна перспектива, но сега е време не само за зборови, туку и за дела“, додаде Муцунски.
Во рамки на еднодневната работна посета на Полска, министерот Муцунски го посети Меморијалниот музеј „Треблинка“, посветен на сеќавањето на жртвите на нацистичкиот логор на смртта. Тој оддаде почит, остави порака во книгата на жалост и се поклони пред споменикот посветен на македонските Евреи кои ги загубиле животите.
Македонија
Утре облачно време, попладне дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд, локално проследени со грмежи. Врнежите ќе бидат пообилни во јужните делови од земјата, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Во наредните денови ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во сабота повремено засилен северен ветер. Во недела попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Набавена медицинска опрема вредна 13 милиони евра никогаш не е ставена во употреба

Медицинска опрема вредна 13 милиони евра не е ставена во употреба во медицинските установи, утврди Државниот завод за ревизија. Тоа најмногу се должи поради недостиг на човечки ресурси и необезбедени просторни и други услови.
„23% од опремата во вредност од 810.354. илјади денари (13 милиони евра) не е ставена во употреба, а 9% во вредност од 337.472 илјади денари (5,5 милиони евра) не се користи во полн капацитет и/или не се користат дополнителните функционалности кои ја зголемиле вредноста на опремата, што влијае на рационалното користење на јавните средства“, пишува во извештајот на тема „Искористеност на современа медицинска опрема“.
Со ревизијата е опфатен периодот од 2021 година до 2023 година, при што е опфатен период пред и период по завршување на ревизијата до денот на изготвување на овој извештај.
Со ревизијата опфатени се надлежните државни институции и ЈЗУ каде што се вршат здравствени услуги со современа медицинска опрема (КТ, ангиографи, акцелератори, мамографи со ТС, ПЕТ/КТ и апарат за роботска рехабилитација).
Ревизорите утврдиле дека е остварен напредок во поглед на обезбедување на регионална распределеност на новата медицинска опрема во јавното здравство и зголемување на вкупниот бројот на здравствени услуги во последните три години. Но, како што се наведува, и понатаму дел од опремата во ЈЗУ, не е ставена во употреба или не е доволно искористена, најмногу поради недостиг на човечки ресурси и/или необезбедени просторни и други услови, поради што и понатаму за дел од услугите не е обезбедена доволна регионална достапност, односно задоволување на потребите за здравствена заштита.
„Обезбедувањето на нова современа медицинска опрема за ЈЗУ, како со буџетски средства така и преку проекти, не секогаш е направено врз основа на критериуми за утврдување на приоритети за потребите и соодветна анализа и координација од аспект на обезбедување на потребните просторни услови, придружна опрема и стручен и обучен кадар за работа со истите“, пишува во извештајот.
Поради тоа 23% од опремата во вредност од 810.354. илјади денари (13 милиони евра) не е ставена во употреба, а 9% во вредност од 337.472 илјади денари (5,5 милиони евра) не се користи во полн капацитет и/или не се користат дополнителните функционалности кои ја зголемиле вредноста на опремата, што влијае на рационалното користење на јавните средства.
Од друга страна, во поголемите ЈЗУ интензивно се користат амортизирани уреди, кај кои настануваат чести дефекти што влијае на зголемени расходи за сервисирање и намалена достапност на здравствените услуги. Тоа доведува до висока концентрација на побарувачката за здравствени услуги во здравствените установи во Скопје, што влијае на регионалната достапност и континуитет на услугите.
Според извештајот, бројот на вкупно извршени услуги со КТ е зголемен, но бројот на редовно објавени термини е намален поради воспоставена пракса најголем дел од услугите да се вршат врз основа на упати без термин или итни упати, а при тоа нема реални
податоци за оправданоста на ваквите упати.
Исто така, утврдено е дека зголемувањето на бројот на здравствени услуги и медицинска опрема не е проследено со сразмерно зголемување на бројот на здравствени работници во ЈЗУ кои ги опслужуваат овие апарати.
Утврдено е дека постојат значајни разлики во евиденциите за извршените услуги помеѓу ЈЗУ, Мој Термин и Фондот, што има за ефект нереални податоци за услугите во Мој Термин, помалку прикажани услуги кон Фондот и најмалку 15.177 илјади денари (247 илјади евра) помалку наплатена партиципација од ЈЗУ.
Тоа се должи на нецелосно евидентирање на услугите од страна на ЈЗУ во Мој Термин како единствен национален систем за евиденции во здравството. Во услови на невоспоставени листи на чекање за подолг период, отсуствуваат податоци за реалната побарувачка на услуги, а поради неусогласени евиденции за извршените услуги во ЈЗУ, Мој Термин и системот на Фондот, не може да се утврди ниту точниот број на извршени здравствени услуги.