Македонија
Пендаровски од Небрегово: Многу е важно да се спротивставиме на културата на заборав
Претседателот Стево Пендаровски денеска во Небрегово ја посети Спомен-куќата на Блаже Конески и се обрати на завршниот настан на 6. Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.
Во рамките на настанот претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе пред родната куќа на Блаже Конески и ги посети внатрешноста на Спомен-куќата, обновената училишна училница и црквата во Небрегово.
На настанот се обратија и проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, и проф. д-р Људмил Спасов, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а беше рецитирана и поезија на Конески од страна на ученици од Небрегово и Прилеп.
„Во време кога сите наши потпорни точки се сериозно предизвикани, во време кога се соочуваме со страдање и смрт на глобално ниво, во време кога пандемијата нѐ дистанцира од другите, често и од самите себеси, нужно е да ја нагласиме важноста на вредносните котви што ни даваат стабилност во нестабилново опкружување“, рече Пендаровски.
Додаде дека една од заедничките вредносни котви е она што зад себе како животно дело го остави Блаже Конески, филолог, лингвист, визионер.
„Тој опстојува како заштитник на нашата модерност – јазична, мисловна, книжевна, образовна и институционална. Тивок човек, кој со својата посветеност, одговорност, работливост и смиреност, треба да ни биде модел за нашето сегашно и идно дејствување во промоција на заедничката кауза“, истакна претседателот на државата.
Токму затоа, дополни тој, личноста што е парадигма за нашата национална еманципација и прогресивност треба да ја чествуваме постојано, не само јубилејно.
„Многу е важно да се спротивставиме на културата на заборав, која, за жал, е голема закана во овие брзи времиња. Неопходно е да ги реартикулираме во нашата сегашност, белезите на оние што се арматурата на нашиот национален и културен континуитет. Овој собир, посветен на Конески, токму тоа и го прави“, истакна Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

