Македонија
Пендаровски од Пробиштип: Не постои ниту еден граѓанин кој сакал да ме види, да поразговара со мене, а да не сум го примил
На вториот ден од победничкиот караван, кандидатот за претседател Стево Пендаровски се обрати пред граѓаните на Пробиштип, им се заблагодари за досегашната и повторно ја побара нивната поддршка на 24 април и на 8 мај.
Истакнувајќи дека во изминативе пет години тоа што го ветил и го исполнил до последно, Пендаровски посочи дека бил, е и ќе биде претседател на сите.
„Не постои еден единствен граѓанин кој сакал да ме види, да поразговара со мене, а да не сум го примил. Не постои ни еден кој побарал помош од мене, а да не сум се обидел во рамки на моите можности, да му помогнам. И не постои ниту еден граѓанин, човек во нашава држава кој може да каже дека сум го деградирал, дека сум го дискриминирал, дека сум го понижил, дека сум го навредил само затоа што не е од оваа политичка структура, само затоа што не е Македонец, или од која било вера и да е“, потенцираше Пендаровски.
Во насока на лажните ветувања на опозицијата, Пендаровски рече дека граѓаните не смеат да им веруваат на политичари чии ставови се менуваат во зависност од тоа дали ги кажуваат јавно или зад телевизиските камери. Тој додаде дека опозициските функционери велат „никогаш Северна“, ама од Северна Македонија пет години по ред примаат високи функционерски плати како пратеници, како градоначалници, како локални советници.
Зборувајќи за досегашните грешки на владејачката гарнитура, Пендаровски со граѓаните на Пробиштип ја сподели идејата за целосен ветинг на сите судии и обвинители, но и на сите политичари.
„Во однос на главната парола „Нема правда, нема мир“ чесно е да кажеме дека застанавме на половина пат. Затоа јас предлагам и сите што ме поддржуваат се согласуваат со тој предлог, веднаш после изборите, откако ќе ја добиеме вашата доверба да направиме комплетен, длабок сеопфатен ветинг на сите судии и обвинители, но и на сите политичари кои ја бараат вашата доверба“, заклучи Пендаровски.
Вториот ден од кампањата, Пендаровски ќе го заврши со централен митинг во Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

