Македонија
Пендаровски од Тирана: Мора да ветиме дека и натаму ќе ѝ даваме поддршка на Украина, досега имаме испорачано помош во вредност од 60 милиони евра
Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на пленарната сесија на самитот Украина – Југоисточна Европа, кој се одржува во Тирана, Република Албанија.
Пендаровски во своето обраќање нотира дека неодамнешната одлука на Советот на ЕУ да обезбеди помош од 50 милијарди евра, како и изгледите дека американскиот Конгрес ќе издвои приближно 90 милијарди долари, се активности во вистинска насока. Тој истакна дека Северна Македонија беше меѓу првите земји што ѝ даде воена, техничка и хуманитарна помош на Украина и посочи дека досега имаме испорачано 12 пакети помош, со вкупна вредност од 60 милиони евра.
Нагласи дека заедно со нашите НАТО-сојузници и со истомислениците ќе продолжиме да се спротивставуваме на нападот врз независноста на Украина барајќи одговорност за сите извршени злосторства, со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства. „Денес, од Тирана, мора да ветиме дека и натаму ќе ја даваме нашата непоколеблива поддршка сè додека не се постигне мировен договор, кој ќе ги одрази аспирациите на украинскиот народ“, порача Пендаровски.
Според него, мора да разбереме дека борбата за слобода на Украина се води во име на целиот демократски и цивилизиран свет.
„Во овој критичен момент влогот за сите нас е огромен и ги надминува географските граници одекнувајќи секаде каде што постојат мирни демократски општества.
Успехот на украинските вооружени сили не зависи само од нивната решителност и храброст да се спротивстават на агресорот, туку и од многу потребната финансиска, логистичка и воена поддршка што ја даваат пријателските народи. Неодамнешната одлука на Советот на ЕУ да обезбеди помош од 50 милијарди евра, како и изгледите за обезбедување приближно 90 милијарди долари од страна на американскиот Конгрес, се сметаат за соодветен правец на дејствување. Северна Македонија беше меѓу првите нации што ѝ даде воена, техничка и хуманитарна помош на Украина. Досега имаме испорачано 12 пакети помош, со вкупна вредност од 60 милиони евра. Заедно со нашите НАТО сојузници и со истомислениците ќе продолжиме да се спротивставуваме на нападот врз независноста на Украина барајќи одговорност за сите извршени злосторства, со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства. Покрај тоа, подготвени сме да ја поддржиме Украина во слободното исцртување на нејзиниот иден курс, вклучително и нејзината желба за интеграција во Европската Унија и во НАТО“, потенцира Пендаровски.
Како што рече, „од Тирана мора да ветиме дека и натаму ќе ја даваме нашата непоколеблива поддршка сè додека не се постигне мировен договор, кој ќе биде одраз на желбите на украинскиот народ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

