Македонија
(Видео) Пендаровски: Поддржуваме решение меѓу Белград и Приштина што нема да ја загрози безбедноста на соседите
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска на плоштадот „Ибрахим Ругова“ во Приштина, на официјална церемонија со државни и воени почести беше пречекан од претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу.
Во рамки на официјалната посета, претседателот Пендаровски оствари тет-а-тет средба со претседателката Османи-Садриу, беше одржан пленарен состанок на македонската и косовската делегација, по што двајцата претседатели одржаа заедничка прес-конференција.
„Северна Македонија и Република Косово, како директни соседи природно се упатени да соработуваат меѓу себе. Овој факт е препознаен од сите политички фактори во двете држави, а, јас во текот на разговорите ја истакнав и мојата подготвеност да го интензивираме дијалогот и на највисоко политичко ниво. Северна Македонија и Косово се и важни трговски партнери. Неодамна се одржа првата заедничка седница на владите на двете земји, во Скопје, при што беа потпишани 11 билатерални договори. Очекувам нивната реализација да значи унапредување на економските врски и конкретна придобивка во интерес на нашите граѓани“, истакна Пендаровски.
Во однос на надворешната политика, кажа дека двете земји споделуваат заеднички стратешки цели.
„Северна Македонија ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и во тој контекст стоиме на располагање да ги пренесеме нашите искуства, како на патот кон ЕУ, така и во однос на аспирациите за интегрирање во НАТО-алијансата. Членството во овие две организации значи натамошна стабилизација и просперитет за регионот. Со претседателката на Косово разговаравме и за дијалогот Приштина – Белград. Сите сме свесни дека ова е еден многу тежок и компликуван процес, но верувам дека сите луѓе со добра волја во регионот и пошироко ќе го поддржат решавањето на спорот, кој на крајот ќе значи иреверзибилна пацификација на регионот. Дозволете ми во оваа пригода да го реафирмирам нашиот став, а тоа e дека Северна Македонија поддржува заемно прифатливо решение меѓу Белград и Приштина, со потенцијал да придонесе кон регионалната стабилност и кое нема да ја загрози безбедноста на соседните држави. Во таа насока, го поздравуваме и постигнатиот договор за деескалација на тензиите во северно Косово постигнат со посредство на Европската Унија“, кажа Пендаровски.
Според него дијалогот е единствениот механизам, преку кој, како што рече, по распадот на поранешна Југославија земјите од регионот успеале да постигнат напредок на многу полиња. Затоа, како држава, додаде Пендаровски, ги поддржуваме напорите на нашите европски и американски сојузници насочени кон изнаоѓање решенија за отворените прашања.
„На крајот, но не помалку важно, разговаравме и за можностите за унапредување на правата на етничките Македонци кои живеат на Косово. Со цел зближување на нашите граѓани и јакнење на прекуграничната соработка беа разгледани и можностите за отворање на нови гранични премини“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.
Македонија
Се заканувал со напад со „калашников“, иснпириран бил од настан од САД: дваесетгодишник од Мала Речица под истрага за тероризам
Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредба за спроведување на истражна постапка против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам.
Осомничениот на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.2.2026 година под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и асистенција на САЕ Тигар извршија претрес на дом и други простории во Мала Речица.
При претресот кај осомничениот се пронајдени и одземени секира, пет ножа со различна должина, телескоп, седум Iphone мобилни телефони и компјутер. Исто така, од таткото на осомничениот е одземен пиштол за кој поседува дозвола и повеќе парчиња муниција. Останатото пронајдено оружје – пиштол и автоматска пушка, дедото на осомничениот ги поседувал без дозвола и за него е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничениот. Предлогот е прифатен и со Решение мерката е определена во траење од 30 дена, соопшти обвинителството.

