Македонија
(Видео) Пендаровски: По изборите да се спроведе прочистување кај судиите, обвинителите, но и кај политичарите
Претседателот Стево Пендаровски во својот завршен годишен говор пред пратениците во Собранието испрати клучна порака до следната власт дека веднаш треба да се спроведе прочистување кај судиите и обвинителите, но прво кај политичарите.
Тој рече дека е разаочаран за тоа што за многубројните судски постапки нема судска завршница, односно никој не завршил зад решетки со што правдата не е задоволена.
„Во редица судски процеси не видовме завршница, дел од најголемите правни случаи застареа, а креаторот на режимот избега и од правдата и од државата. Притоа ниту една институција не кажа јавно како тоа воопшто беше возможно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше аферата ‘Рекет’ во која меѓу обвинитете за тешки дела се најде и првата личност на институцијата која беше формирана да ги гони криминалците. Порачувам веднаш по изборите да се спроведе прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но и кај политичарите. За секого што нема логично образложение како со државна плата станал милионер треба веднаш да следи не само оставка, туку кривична постапка“, порача Пендаровски.
Претседателот во својот говор се осврна и на законот за јазици при што рече дека треба да се испочитува мислењето на Венециската комисија.
„Комисијата не вели дека на Албанците им се дадени премногу права, напротив нè истакнува како пример на држава која оди подалеку од европските стандарди во оваа област. Меѓутоа, со право забележува дека нашата држва во овој момент не поседува капацитет и ресурси да ги имплементира тие стандарди во судските и управни постапки. Со други зборови, какво фајде од законот ако неговите зборови останат само на хартија“, рече Пендаровски.
Во неговото излагање тој посочи три области во кои потребно е да се постигне натпартиски консензус – за загадувањето, за пописот и за иселувањето на младите луѓе.
Додаде дека во овие области треба да се алармира и делува заеднички за да се постигнат резултати во интерес на сите граѓани.
„Во ситуација кога 15 години чекаме да почнеме преговори со ЕУ и кога влегуваме во НАТО по 20 години, а стандардот пер капита е на 80 проценти од некогашниот наш југословенски просек, со просечна плата од 400 или 500 евра, иселувањето може да бележи нови поразувачки рекорди. Притоа не како политичари, туку како обични луѓе мора да се согласиме – ако еден млад човек ја напушти државата заради нашите политики, тоа не е трагедија само за неговото семејство, туку за сите нас“.
Пендаровски се осврна во однос на преспанскиот договор и договорот со Бугарија и кажа дека како претседател стои на ставот дека ќе се залага да работи во интерес на сочувувањето на индентитетот и културата на народот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

