Македонија
Пендаровски: „Рекет“ не е критериум за добивање датум за почеток на преговори
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се обрати на годишниот Амбасадорски совет, којшто годинава е посветен на европската перспектива на Република Северна Македонија. По октомври, кога очекуваме датум за почнување на преговорите со Европската Унија, рече претседателот Пендаровски, почнува и долг процес на работа.
„Дистрибуцијата на местата во Европскиот парламент е одлична за нас. Од 751 член, 506 се во групата проевропски сили. Таа поволна констелација мора да ја искористиме бидејќи тоа се луѓе кои се наклонети на проширувањето на ЕУ и знаат колку е значајно за стабилноста на Западен Балкан“, рече претседателот.
Тој додаде дека Северна Македонија речиси 100% е во НАТО, се очекува само на формирањето на Владата во Шпанија за да се заврши работата во декември. Претседателот Пендаровски говореше за двата историски договора кои ги потпиша државата.
„Договорот со Бугарија го постигнавме полесно, но во имплементацијата може да имаме проблеми. Во комисијата на историчари има политички влијанија. Околностите и амбиентот не се како пред 5-6 месеци. Но, ние ќе создадеме амбиент тој да се постигне. Не смееме да пропуштиме што било во тие преговори, кои се многу битни. Тоа што ќе го потпишеме треба да трае, не треба ад-хок решение кое ќе се сруши. Треба цврсто да застанеме на стратешките интереси на земјата, а за тоа државниот врв има заеднички став“, рече претседателот.
Во однос на Косово, Пендаровски посочи дека два принципа се важни за нас како држава, првиот, како што вели, е дека за нас е легитимно сé што ќе се договорат Србија и Косово, а вториот дека не секое решение, особено промена на граници и размената на територии е добро за стабилноста на регионот.
Претседателот најави дека во наредните 4 месеци ќе има позасилена дипломатска активност. До крајот на годината ќе ги посети Виена, Токио, Париз, Рим и Варшава, а во почетокот на октомври во Скопје доаѓа претседателот на Црна Гора.
Претседателот Пендаровски на средбата со Амбасадорскиот совет рече дека имал повеќе средби со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на кои е разговарано за пополнување на 15-16 од испразнети 27 амбасадорски позиции.
„Во МНР направена е анализа за работата на дипломатско-конзуларните претставништва. Некои кои не го оправдаа постоењето ќе бидат затворени, а некои значајни ќе бидат зајакнати. Станува збор за рационализација, а не партиски реваншизам. Битна е професионалната компонента, а не партиската“, рече претседателот Пендаровски посочувајќи пред присутните дека тој и неговиот кабинет им стојат на располагање и целосно ќе се вложат за доброто на државата.
Одговарајќи на новинарско прашање за случајот „Рекет“, претседателот Стево Пендаровски изјави дека случајот „Рекет“ не е критериум за добивање датум за почеток на преговори, а според сегашните реакции на надлежните институции, нема ни да биде.
„Во овој момент не е, моја проценка е, наша проценка е дека нема ни да биде до крајот на годината, бидејќи ова што досега го направија надлежните државни органи е соодветна реакција. Меѓутоа, случајот очигледно е комплексен, да оставиме на надлежните органи да продолжат да го работат. Ако не продолжат со ова темпо, со ова широчина и длабочина со која почнаа досега, тоа може да стане. Но, сега не е и нема да биде до октомври “, рече претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.