Македонија
Пендаровски – Рубин: Дезинформациите една од приоритетните закани за националната безбедност

Претседателот Стево Пендаровски се сретна со Џејмс Рубин, специјален претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент. На средбата се разговараше за напорите и начините за справување со дезинформациите и нивното влијание врз развојот на демократските процеси на глобално ниво.
Претседателот Пендаровски оцени дека дезинформациите имаат потенцијал да влијаат врз крупни политички и граѓански процеси и кај нас и во светот и поради тоа се една од приоритетните закани за националната безбедност на многу држави. Во таа насока ја нагласи потребата од постојано вложување во ресурси и вештини за нивно препознавање и разобличување, како и создавање национални стратегии за опсежен одговор на дезинформациите.
Претседателот ја истакна посветеноста на Македонија да продолжи активно да работи за јакнење на отпорноста кон дезинформациите, превенирање и намалување на штетните влијанија, вклучувајќи ја отпорноста на кампањите на дезинформации што имаат цел да поттикнуваат антизападно расположение кај македонските граѓани и да заговараат нејасни алтернативи на европските интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Привремена промена во сообраќајот на делот од државнот пат А2 – делница Желино – Тетово

Од денес (24.04.2025) ќе има привремена промена во сообраќајот на делот од државнот пат А2 – делница Желино – Тетово, помеѓу бензинската станица Макпетрол и северниот влез на Тетово. На овој дел од патот ќе се врши геодетско снимање и една сообраќајна лента ќе биде затворена во неколку фази. Работите ќе траат до нивно завршување, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени локални врнежи од дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Македонија
Горан Минчев со граѓаните на Тетово: „Локалната промена почнува со Вас“

Генералниот секретар на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Горан Минчев, во рамки на кампањата „Заедно повеќе знаеме“, одржа средба со граѓаните, членовите и симпатизерите во Тетово.
Минчев порача дека Тетово заслужува транспарентно и ефикасно управување, развој на инфраструктурата и враќање на довербата во локалната власт.
„Граѓаните се нашите партнери – заедно ќе изградиме програма што одговара на вистинските потреби на Тетово. Време е општините да престанат да бидат партиски плен и конечно да почнат да работат за граѓаните“, изјави Минчев.
Тој истакна дека ЗНАМ нуди луѓе со знаење и интегритет, а не политички експерименти, и најави дека дијалогот со граѓаните ќе продолжи низ цела Македонија.