Македонија
Пендаровски се сретна со македонски друштва во Малме

Претседателот Стево Пендаровски, вчера, во Малме, Кралството Шведска, ја посети Македонската православна црква „Свети Наум Охридски“, се сретна со македонскиот православен свештеник Блажо Кожарски и со претставници на македонски друштва од Малме.
Во разговор со свештеникот Кожарски, претседателот Пендаровски беше информиран за начинот на организирање и функционирање на црковната општина, која е прва во Европа, формирана во 1973 година, како и за тековните активности и соработката со шведските институции во насока на афирмирање на Македонската православна црква.
Претставниците на македонските друштва од Малме ги споделија со претседателот Пендаровски актуелните иницијативи за унапредување на дејноста на македонската заедница, како и за промовирање на нашата култура и традиција во Шведска. Во тој контекст беше нагласена важноста од континуирано негување на врските со нивната матична држава.
Изразувајќи задоволство од долгогодишното успешно дејствување на нашата заедница во Шведска, претседателот Пендаровски истакна дека сѐ повеќе се вреднува нејзината улога како активен фактор во севкупните општествено-политички и економски процеси во нашата држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.
Македонија
Без вода дел од Кисела Вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска поради изведување на водоводен приклучок на водоводна мрежа со пречник од Ф-150 мм на улицата Христо Татарчев бр. 47, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица и кулите – Расдник, oпштина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.
Македонија
Сончево и топло, максималната температура ќе достигне до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 19, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Времето во наредните денови
Во следните денови времето ќе биде стабилно, претежно сончево и топло. Ќе дува умерен, во сабота наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер.