Македонија
Пендаровски се сретна со потписниците на писмото за заштита на животната средина
Претседателот Стево Пендаровски имаше средба со претставници на здружени граѓански организации и инцијативи, потписници на отвореното писмо упатено до претседателот на 30 октомври, поврзано со заштитата на животната средина.
На средбата, на која присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, беа разменети мислења за предлозите и иницијативите во отвореното писмо упатено до претседателот Пендаровски за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено.
Претседателот Пендаровски пред претставниците на граѓанските организации и иницијативи посочи на потребата од меѓусебна координација и целосна вклученост на сите надлежни органи. Исто така претседателот изрази подготвеност да ги поддржи сите граѓански иницијативи што се во функција на надминување на овој проблем и да помогне во нивната комуникација со надлежните институции, се вели во соопштението.
Пендаровски ги најавува следните иницијативи: и тоа заштитата на животната средина за првпат ќе биде ставена како точка на дневен ред на идната седница на Советот за безбедност којашто ќе се одржи кон средината на декември 2019 година и на која ќе бидат поканети претставници на граѓанските организации;
Пендаровски ја враќа Стратегијата за одбрана во постапка како стратешки документ, со цел во истата да бидат вклучени точки и мерки за еколошка безбедност. Тој ќе ја застапува идејата за зголемување на државниот буџет за заштита на животната средина со цел да се приближи кон просекот на земјите членки на ЕУ и ќе даде поддршка за создавање на национален фонд за заштита на животната средина.
Во рамки на процесот на образовните реформи да се вметне задолжителен број на часови со цел едукација, за учениците во основните и средните училишта да добијат образование за заштита на животната средина. Истовремено, кабинетот на претседателот, на барање на граѓанските организации во комуникација со Министерството за животна средина и просторно планирање доби информација дека А-интегрираната дозвола за РЕК Битола ќе биде издадена во текот на декември 2019 година.
Исто така, претседателот ја поздравува иницијативата на Министерството за животна средина за донесување на нов закон за управување со отпад.
Во однос на барањето за ангажман на Армијата во справувањето со аерозагадувањето преку нивно вклучување во патроли и ноќни дежурства, претседателот истакнал дека внатрешниот ред во државата е надлежност на полицијата. Армијата, нагласил Пендаровски на средбата, веќе придонесува за заштита и за унапредување на животната средина преку низа активности, како што се засадување нови садници на опожарените места, расчистување на опожарените места, пошумување, расчистување на отпад од речни корита, селекција на отпад, активна обука и едукација на персоналот за грижа за животната средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во домот на судија од Апелација пронајдени соѕидани 350.000 евра
Во рамките на опсежна истрага на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција иницирана откако на 14 декември беше осомничен адвокат поради сомненија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание, во континуитет интензивно се преземаат дејствија што резултираа со проширување на постапката и кон судија, осомничен за Противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание. Според информациите, се работи за судијата Ѓоко Ристов од Апелацискиот суд во Скопје.
„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност. Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал.
Македонија
Мицкоски: Безбеден град веќе спасува животи, прекршоците намалени од 100.000 дневно на 3.000
Системот „Безбеден град“, кој официјално треба да профункционира од 1 февруари, веќе дава резултати во тест-периодот, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Бројот на сообраќајни прекршоци и незгоди е значително намален, а со тоа и бројот на повредени и загинати лица во сообраќајот.
„Во јануари имаме уште поохрабрувачки бројки од декември – тоа значи повеќе спасени животи, помалку сообраќајни незгоди, и побезбеден сообраќај“, рече Мицкоски.
Додека во првите денови биле регистрирани и повеќе од 100.000 прекршоци дневно, сега таа бројка е сведена на 2.000 до 3.000.
Мицкоски одговори и на прашањето за заштитата на личните податоци на граѓаните во рамки на проектот. Тој најави дека ќе бидат потребни дополнителни усогласувања и протоколи, особено во првите три до шест месеци од имплементацијата.
„Никој не бил перфектен при стартот на овој проект. Сосема логично е да се вршат прилагодувања во текот на првите месеци. Но, најважно е што веќе се гледаат резултати“, рече премиерот.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.

