Македонија
Пендаровски со вработените во секторот игри на среќа – да се изнајде решение според највисоките европски стандарди
Претседателот Стево Пендаровски прими претставници на Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“.
На средбата се разговараше за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, кој по предлог од Министерството за финансии со европско знаменце е доставен до Собранието на Република Северна Македонија.
Претставниците на Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ информираа за последиците од носењето на овие измени, кои, според нив, ќе предизвикаат губење работни места на вработените во овој сектор и ќе придонесат кон драматични финансиски импликации. Тие изразија негодување и за одлуката предложените измени да бидат со европско знаменце, што подразбира да се одвиваат со побрза динамика и скратена постапка, а посочија дека во предложените измени има серија одредби што не се во согласност со Уставот.
Претседателот Пендаровски ги сослуша аргументите на претставниците на Здружението на вработените во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ и порача дека е неопходна општествена јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни како би се дошло до одржливо законско решение. Претседателот апелира предложените измени да одат во регуларна процедура во законодавниот дом за да има време да се соочат сите ставови и да се изнајде решение според највисоките европски стандарди за организирање игри на среќа, кое ќе го штити националниот интерес и ќе претставува баланс меѓу засегнатите страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

