Македонија
Пендаровски со поддршка за вработените во брзата помош и во поликлиниките
Претседателот Стево Пендаровски преку видеоврска денеска разговараше со директорот на Здравствниот дом – Скопје, д-р Виктор Исјановски, со раководителката на Службата за итна медицинска помош, д-р Милица Бубало, како и со д-р Марија Милеска-Аврамоска, која е дел од интервентна екипа на брзата помош.
Во разговорот претседателот Пендаровски беше запознаен со досегашната, како и со тековната работа на поликлиниките, кои се во состав на Здравствниот дом – Скопје, со бројот на повици во брзата помош, како и со интензитетот и обемот на работа на докторите во овие здравствени установи.
„Сите ние во оваа вонредна состојба мора да работиме постојано и се жалиме поради тоа, но на вам докторите работењето 24 часа во текот на 7 дена неделно ви е утврдена практика и едноставно мора така да функционирате. Во оваа насока, ви благодарам што несебично се вложувате, особено во овие вонредни околности“, им порача претседателот Пендаровски на докторите во денешниот видеоразговор.
Докторите во текот на разговорот го информираа претседателот Пендаровски дека поликлиниките на територијата на град Скопје располагаат со доволно медициски и немедицински кадар, кој одговара на потребите на граѓаните. Истовремено, како што рекоа докторите, во моментот имаат сè што им е потребно во однос на заштитна опрема и дека таа навреме се надополнува.
Претседателот Пендаровски на денешните соговорници, но и на другите вработени во Службата за итна медицинска помош и во поликлиниките во градот, им оддаде почит и признание за нивниот досегашен ангажман. Како што рече претседателот Пендаровски, сите тие се на првата линија во борбата со пандемијата на вирусот Ковид-19, први доаѓаат во контакт со болните и се изложени на висок ризик.
За време на разговорот, претседателот Пендаровски на докторите од Службата за итна медицинска помош им посака да имаат што помалку интервенции во периодот што следува бидејќи, како што рече тој, тоа ќе значи дека полека стивнува пандемијата на вирусот Ковид-19. Истовремено, претседателот Пендаровски на докторите им искажа голема поддршка да истраат во неделите што доаѓаат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.
Македонија
Убиство во Челопек, 78-годишна жена задушена со перница
Полицијата уапси дваесет и петгодишен жител на село Малотино од општина Старо Нагоричане, осомничен за убиство на седумдесет и осумгодишна жителка на село Челопек, соопшти денеска СВР Куманово. Како што наведуваат од кумановската полиција, на 12-ти февруари, осомничениот влегол во нејзиниот дом, физички ја нападнал и со перница ја задушил жената.
-Вчера во 19:30 часот во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане, полициски службеници од Полициското одделение Старо Нагоричане го лишиле од слобода Т.Б.(25) од с. Малотино, општина Старо Нагоричане, поради сомнение дека сторил кривично дело по член 123 од Кривичниот законик. Тој се сомничат дека на 12-ти февруари во нејзиниот дом физички ја нападнал и задушил со перница М.С.(78) од село Челопек, општина Старо Нагоричане, по што таа починала на местото, соопшти полицијата.
Тој се сомничи дека извршил повеќе кривични дела „тешка кражба“ во повеќе села на подрачјето на општина Старо Нагоричане. Известен е јавен обвинител, а лицето било задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против него биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
СДСМ: Две недели без одговор како 5 тони дрога поминале преку граница, бараме одговорност од Мицкоски
СДСМ обвинува дека и по 14 дена нема одговор од институциите за, како што велат, „најголемиот нарко-скандал во регионот“, поврзан со транспорт на пет тони дрога преку државната граница.
Од партијата посочуваат дека молчат премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе функционери, оценувајќи дека тоа отвора сомнежи за одговорност на власта.
„Овој гласен молк е најсилна потврда дека скандалот води до врвот на Владата“, се наведува во соопштението.
СДСМ реагира и на изјавите дека биле запленети 100 тони марихуана, оценувајќи дека доколку постоело толкаво производство, тоа претставува сериозен пропуст на институциите.
Според нив, за такво количество би била потребна површина од над 30 хектари, поради што прашуваат дали биле извршени контроли од надлежните служби, вклучително и полицијата, инспекторатите и безбедносните агенции.
Партијата дополнително прашува како пет тони дрога биле транспортирани со товарни возила покрај системите за надзор, камерите и граничните контроли.

