Македонија
Пендаровски: Со членството на Северна Македонија, НАТО и ЕУ стануваат посилни
Со членството на Република Северна Македонија, НАТО и Европската Унија стануваат посилни, а нашиот регион побезбеден, рече претседателот Стево Пендаровски на отворањето на изложбата „Борба и страдање – полските граѓани за време на Втората светска војна“, што по повод 80-годишнината од почетокот на Втората светска војна, ќе се одржи од 13 до 20 септември во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје, во организација на Амбасадата на Република Полска.
„Пред 80 години почна најдеструктивната војна во човековата историја, во која за шест години загинаа повеќе од 60 милиони луѓе. Toa се директни жртви, без жртвите од сиромаштија и глад, што ги спомена нашиот домаќин, а од кои две третини беа цивили. Европа беше сведена на урнатини. И сето тоа почна на 1 септември 1939 година кога, без објава на војна, Полска беше подмолно нападната од нацистичка Германија. Гледајќи ги фотографиите од изложбата, човек не може да остане рамнодушен пред страдањата на полскиот народ“, рече претседателот Пендаровски.
„Злото кулминира во концентрационите логори во кои нацистите систематски уништуваа милиони луѓе, само поради нивната различност. Во текот на војната само Полска изгуби, речиси 18 отсто од својата популација. Во еден од тие нацистички логори на смртта – Треблинка – беа погубени и 98 отсто од македонските Евреи“, рече претседателот Пендаровски.
Иако окупирана и поделена, депортирана и десеткувана, рече претседателот Пендаровски, Полска не се предаде, туку се вклучи во големата коалиција што се бореше против злото на фашизмот и нацизмот.
„Во малку поинаков контекст, и македонскиот народ ја дочека Втората светска војна окупиран и тероризиран. Како и полскиот, така и македонскиот народ се вклучи во народноослободителната и антифашистичка борба и со свои сопствени сили се избори за слободата на својата држава“, рече претседателот Пендаровски на отворањето на изложбата.
Претседателот Пендаровски истакна дека годинава одбележуваме 70 години од формирањето на Северноатлантскиот сојуз и 30 години од падот на железната завеса и блоковската поделба на светот, промена што се случи, како што нагласи претседателот, благодарение на борбата на слободољубивите народи против сите видови на тоталитаризам истакнувајќи дека полскиот народ беше еден од предводниците на таа борба.
„Верувам дека токму водена од своето трагично искуство во Втората светска војна, денес Полска е еден од најголемите поддржувачи за членството на Република Северна Македонија во НАТО и во Европската Унија. Слично е и со нашите германски пријатели, кои се свесни за својата голема и историска одговорност да се грижат за Европа и за заокружувањето на европскиот проект преку членството на Република Северна Македонија и на сите други држави од Западен Балкан во Европската Унија. Со членството на Република Северна Македонија, НАТО и Европската Унија стануваат посилни, а нашиот регион побезбеден“, рече претседателот Пендаровски на отворањето на изложбата ‘Борба и страдање – полските граѓани за време на Втората светска војна’ изразувајќи благодарност до амбасадорот Војциех Тицињски и до Амбасадата на Република Полска за организирањето на изложбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

