Македонија
Пензионерите да бидат спокојни, пензии редовно се исплаќаат и ќе се исплаќаат, велат од ПИОМ
Банките во текот на вчерашниот ден ја започнаа исплатата на пензиите за ноември и до понеделник, први декември, се очекува таа да заврши, соопшти денеска Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ).
Фондот ја уверува јавноста дека исплатата на пензиите е стабилна, редовна и загарантирана, отфрлајќи ги шпекулациите за наводни ризици во пензискиот систем. Како што се наведува во соопштението, Фондот во координација со Владата продолжува со редовната исплата секој први во месецот и дека оваа практика ќе продолжи и во 2026 година.
– Пензионерите и осигурениците можат да бидат спокојни, пензии редовно се исплаќаат и ќе се исплаќаат и во иднина секој први во месецот. Исплатата на пензиите не е доведена во прашање, бидејќи Владата ја гарантира истата и не треба да има никаков сомнеж или страв дека пензии нема да има, велат од Фондот.
Во соопштението, ПИОМ ги демантира наводите дека исплатата на сегашните и идните пензии е загрозена. – Шпекулациите кои се пласираат од страна на СДСМ и политичкиот притисок кон Уставниот суд дека е загрозена исплатата на сегашните и идните пензии се неосновани и служат единствено за вознемирување на пензионерите и граѓаните во државата, стои во реакцијата.
Додаваат дека буџетот за 2026 година изнесува речиси 151 милијарда денари и е наменет за исплата на пензии, здравствено осигурување на пензионерите и транзициските трошоци кон пензиските друштва од вториот столб.
Во изминатата година, како што се посочува, пензиите биле зголемени линеарно за 6.000 денари за секој пензионер, со што просечната пензија од 21.000 денари во септември 2024 година се зголемила на 27.000 денари во септември 2025 година.
– Покачувањето и линеарното усогласување на пензиите се во насока на подобрување на животниот стандард на пензионерите и намалувањето на влијанието на инфлацијата, велат од Фондот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода дел од Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради давање водоводен приклучок од ф – 200 мм на улицата Титотвелешка б.б без вода ќе останат корисниците од населба Маџар Маало, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.30 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Oблачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег
Oблачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Времето во наредните денови
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.

