Македонија
Пенов во Крива Паланка: Важно е да градиме проекти што ги избрале граѓаните
Рекреативната патека е нова можност за жителите на општината за дружење и рекреација, се создаваат услови за развој на спортот, но и за локалниот развој, преку збогатување на понудата за домашните и за посетителите од странство. Додадена вредност на овој проект е во тоа што е избран од граѓаните на Крива Паланка, во консултативен процес организиран од страна на Општината, рече министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, кој заедно со постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, имаше состанок со градоначалникот на општината, Сашко Митовски.
„На задоволство на сите нас, а најмногу на граѓаните на Крива Паланка, денеска се заокружува еден убав проект, кој е резултат на соработката меѓу Министерството за локална самоуправа, УНДП, швајцарската влада и општината. Двата проекта се финансирани со средства од Министерството за локална самоуправа и од швајцарската влада. Имплементатор е УНДП. Со свои средства учествува и Општината, што покажува дека локалните власти се заинтересирани за развојот и за подобрување на квалитетот на живеење на своите граѓани“, рече министерот за локална самоуправа.
Според Пенов, Министерството за локална самоуправа ги поддржува проектите што имаат влијание на локалната демократија. Без локална демократија, нема локална самоуправа и, обратно, без локална самоуправа, нема локална демократија.
„Министерството за локална самоуправа во соработка со УНДП учествува во реализацијата на слични проекти во 40 општини за што за периодот од 2022 до 2026 година се обезбедени 2 милиона долари, со поддршка на швајцарската влада. Овие процеси се заемно условени, а најважно од сѐ е граѓаните да ја препознаат корисноста од сопственото учество и да го валоризираат својот глас преку создавање партнерства со локалните власти и заедничко подобрување на условите за живеење во локалната заедница. Исто така, денеска имав можност да видам како е опремена салата на Советот на Општината. Преку проектот ‘Зајакнување на општинските совети’ е набавена опрема за пренесување на седниците на Советот во живо. На овој начин се зголемуваат транспарентноста и отчетноста на локалните власти“, истакна министерот.
Двата проекта се реализираа во рамките на програмата „Зајакнување на општинските совети“, која ја финансираат швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.
„Министерството за локална самоуправа ги поддржува проектите што имаат влијание на локалната демократија. Без локална демократија, нема локална самоуправа и, обратно, без локална самоуправа, нема локална демократија. Овие процеси се заемно условени, а најважно од сѐ е граѓаните да ја препознаат корисноста од сопственото учество и да го валоризираат својот глас преку создавање партнерства со локалните власти и заедничко подобрување на условите за живеење во локалната заедница“, заклучи министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска се заблагодари за честитката од ЕУ: Со нетпрение очекувам да ја продолжиме соработката
Силјановска Давкова се заблагодари за честитката од ЕУ и порачува дека со нетпрение очекува да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион.
„Денеска, како избрана претседателка, добив официјално соопштение од Европската Унија со кое ми се честита победата на изборите. Темелот на мојата на кампања беше градењето на консензус помеѓу сите политички партии во Собранието, како од власта, така и од опозицијата, граѓанското општество и македонските граѓани, независно од нивните разлики. Нашиот клучен стратешки проект е европската интеграција и истата останува да биде темел за градењето на консензус помеѓу различните чинители во општеството. Потенцирам дека под мое водство нашата надворешна политика ќе продолжи да биде целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Со нетпрение очекувам да ја продолжам соработка со Европската Унија за конечно заокружување на европската интеграција на целиот регион“, се наведува во соопштенеито испратено од тимот на Гордана Силјановска Давкова.
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеи.
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
Македонија
(Видео) Стоилковски го поздрави лидерот на ДУИ јадејќи бисквита: „Поздрав, Али“
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, на социјалните мрежи објави видео во кое, јадејќи бисквита го поздрави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Стоилковски вели дека оди на состанок со коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа зема бисквита и почнува да ја јаде.
„Поздрав, Али“ , вели Стоилковски.
Стоилковски алудира на изјавата на Ахмети која тој ја даде од митингот на „Европскиот фронт“ во Скопје пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори кога рече оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е израснат со бисквити и гурабии.
Македонија
ЕУ: Очекуваме соработка со претседателката на Македонија, парламентот и владата за да работиме на европскиот пат
Европската унија и честита на Гордана Силјановска Давкова за нејзината победа на претседателските избори во Македонија и со нетрпение очекува да работи со првата жена лидер во земјата, изјавија високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархељи
Борел и Вархеи, во заедничката изјава објавена по повод вториот круг од претседателските и редовните парламентарни избори во Северна Македонија, ги охрабрија „релевантните политички актери да работат на формирање парламент и стабилна влада“.
„Двете институции треба да работат заедно на подобрување на европскиот пат на Северна Македонија, кој вклучува имплементација на клучните реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата, во интерес на сите нејзини граѓани“, се вели во заедничката изјава на Борел и Вархеи.