Македонија
Перински во Делчево: Не запира поддршката за сите општини, градиме цврсти темели за подобар живот на секој граѓанин
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска беше дел од владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која присуствуваше на одбележувањето на 149 години од Разловечкото востание, важен историски момент кој ја потврдува борбата за слобода и непокорот на македонскиот народ. На свечениот настан, кој се одржа во делчевското село Разловци, беше истакната важноста на македонското минато, но и обврската да продолжиме да се развиваме и напредуваме како општество.
Денешната посета на Делчево, министерот Перински и премиерот Мицкоски, ја искористија да извршат и увид на градежните активности на два од четирите проекти што се реализираат во Делчево, одобрени на првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Беа во населбата Ново Делчево, каде во тек е реконструкција на повеќе улици со вкупна должина од речиси 2 км, а извршија увид и на изградбата на дел од регулација на река Габровчица во должина од 700 метри.
„Овие проекти се доказ дека ветувањата на Владата се реалност, тие веќе го гледаат светлото на денот. Како Влада, почнавме отворено, транспарентно. Граѓаните и градоначалниците ја препознаваат нашата помош, нашиот партнерски однос кон нив. Политикантството и политичките игри ги оставаме да ги користи нашиот политички опонент, а ние ќе продолжиме да проектираме, да реализираме проекти коишто соодветствуваат на потребите на граѓаните. Така почнавме, верувајте ми, така и ќе продолжиме“, истакна Перински кој потсети дека Општината на првиот владин повик доби 37 милиони денари за четири одобрени проекти, а се очекува да добие околу 115 милиони денари директна финансиска помош за 10 проекти, колку што поднесе на вториот јавен повик.
„За паралела, годишниот буџет на Општината наменет за капитални инвестиции изнесува од 15 до 20 милиони денари и ова го кажувам за да потенцирам колкава е важноста на помошта која Владата ја дава на сите локални самоуправи без исклучок, независно од политичката припадност на градоначалникот“, додаде министерот.
Премиерот Мицкоски изрази задоволство што и во Делчево непречено се одвиваат градежните активности за реализација на проектите од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. „Ова се проекти за граѓаните, не се проекти ниту на ВМРО ДПМНЕ, ниту на СДСМ, туку за делчевчани. И тоа е нашиот мотив, тоа е нашата инспирација“, истакна Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

