Македонија
Перински во Илинден: Нови проекти за подобрување на животот на граѓаните
Во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ја посетија Општина Илинден. Во текот на посетата беше означен почетокот на изградбата на три важни инфраструктурни проекти, кои ќе имаат значајно влијание на развојот на општината. Два од нив, изградба на две улици и армирано бетонски плочаст мост над одводен канал, се финансирани со средства од државниот буџет, одобрени на првиот јавен повик за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти. Третиот проект, изградба на дел од новопроектирана улица е проект финансиран од општинскиот буџет.
„Денеска, во рамки на теренските посети „Каде што срцето е дома“, се наоѓаме во Општина Илинден, во населеното место Јака, каде отпочнаа градежните активности на три проекти кои претставуваат една целина и се суштински за развојот на општината и чија реализација значително ќе го подобри секојдневието на жителите во оваа нова и брзо растечка населба. Ова е уште еден доказ за нашата посветеност за реализација на конкретни решенија кои создаваат одржливи услови за раст и напредок, со цел да се обезбеди подобар живот за граѓаните“, истакна министерот Перински.
Претходно, министерот Перински и неговиот заменик, Ерџан Селими, остварија средба со градоначалникот Александар Георгиевски и членовите на општинскиот Совет, на која беа разгледани тековните проекти и предизвиците со кои се соочува општината, а дискутираа и за придобивките од планираниот Закон за локална самоуправа. Министерот одржа средба и со заинтересирани граѓани кои дадоа свои предлози и сугестии во насока за зголемен развој на општината.
Премиерот Христијан Мицкоски ја истакна посветеноста кон градењето и развојот на општините, нагласувајќи ја важноста на создавањето како клучен принцип на политичкото делување.
„Задоволство и чест ми е да бидам денеска во општина Илинден. Ќе продолжиме да градиме и понатаму, бидејќи тоа е суштината на едно политичко функционирање, да се создава, а не да се уништува. Тоа е нашата филозофија и така и ќе продолжиме да се однесуваме. Јас повеќе немам што да додадам во делот на техничките карактеристики, бидејќи тоа го истакнаа министерот и градоначалникот. Само ми останува да му се заблагодарам на градоначалникот Георгиевски за неговата прилично амбициозна агенда во општина Илинден, на советниците, на администрацијата и на Министерството за локална самоуправа, која го фасилитира и овој втор повик“, истакна Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски најави значајни инфраструктурни проекти со цел подобрување на сообраќајната поврзаност и животниот стандард на граѓаните.
„Општина Илинден започна неколку битни проекти, при што градиме три улици и мост, во вкупна должина од 1150 метри. Се работи за инвестиција од преку 40 милиони денари, од кои најголемиот дел од средствата, над 70 проценти се обезбедени од Владата, а околу 30 проценти кофинансира општината. Населеното место Јака е прилично нова населба, која што интензивно се гради и со тој интензитет планираме да продолжиме и во иднина. Токму овие улици и овој мост ќе обезбедат уште еден нов влез кон населбата, кој ќе го растовари сообраќајот, но и ќе ги подобри условите за живот на самите граѓани што живеат тука, па дури и во целата општина. Во таа насока сакам да изразам голема благодарност до Владата за поддршката што ни ја дава, и конкретно на премиерот, затоа што со претходниот повик кој што заврши, освен овие проекти, исто така започнуваме со изградба на фекална канализација во Кадино, како дел од втората фаза. Таму веќе се одвива првата фаза со средства од општината, а втората фаза е со средствата на Владата“, посочи Георгиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

