Македонија
Перински во посета на ТППЕ Куманово: Подобрена е ефикасноста за заштита и превенција од пожари во Североисточниот Регион
Министерството за локална самоуправа со поддршка на Владата на Швајцарија овозможија кумановските пожарникари побрзо и поефикасно да се справуваат со пожарите на отворено преку проектот „Одржлив и рамномерен регионалн развој“ фаза 2 во чии рамки се купија три специјални возила, опрема, а во функција ќе биде ставена и мобилна апликација за рана дојава на пожари, соопштија од Министерството за локална самоуправа.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска ја посети ТППЕ Куманово, каде и официјално беше означена имплементацијата на проектот преку кој се презедоа мерки за заштита и превенција од пожари во регионот на општините Куманово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце. Перински имаше можност да ја види набавената опрема и да ги слушне позитивните искуства на пожарникарите чии услови за работа сега се значително подобрени.
На презентацијата присуствуваа и Претседателот на Совет на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, градоначалниците на Општина Ранковце, Борче Спасовски, в.д. градоначалникот на Општина Старо Нагоричане, Бобан Цветановски, директорот на Центар за развој на Североисточен плански регион, Младен Протиќ, а подобрените услови за работа на пожарникарите ги презентираше командирот на ТППЕ Куманово, Деан Илиевски.
Илиевски информираше дека кумановската противпожарна станица доби две, а Пожарната во Ранковце едно специјализирано возило кои се прилагодливи за гаснење на пожари на непристапни подрачја.
„Се набавија и комплети за пожарникарите, чизми, одела, шлемови, грбни прскалки, млазници, црева и друга соодветна опрема за брза интервенција. Инвестирано е и во подобрување на условите во гаражата, а изработена е и мобилна апликација и веб страна за рана дојава на пожари која е во фаза на тестирање и наскоро би требало да стане функционална. Сето ова овозможи поефикасно и навремено да реагираме во случај на пожари што директно влијае на зголемување на безбедноста на граѓаните, нивните и јавните добра“, изјави Илиевски, кој се заблагодари на поддршката на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија.
„Денеска сме сведоци на уште еден во низата реализирани проекти кој го реализиравме со поддршка на Владата на Швајцарија, која е партнер и поддршка на Министерството за локална самоуправа повеќе од две децении. Имплементацијата на проектот има повеќекратен бенефит. Специјалните возила оспособени да делуваат на тешко достапни подрачја и мобилната апликација за рана дојава на пожари, ќе овозможат побрзо и поефикасно справување со пожарите на отворено што придонесува за намалување на штетите на годишно ниво во Општините опфатени со проектот, како и во оддалечените подрачја. Сето ова придонесува за намалување на ризикот од ширењето на пожарите и на потенцијалните штети по шумските подрачја при што намален е ризикот за загадување на животната средина, а зголемена е сигурноста на граѓаните и нивните имоти“, истакна Перински, кој информираше дека Министерството го поддржа проектот со 11 милиони денари, а останатите се средства обезбедени од Владата на Швајцарија.
Голема благодарност за проектот и помошта на Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, истакна и Претседателот на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска.
„Овој проект е од огромно значење за нас, со оглед на тоа дека сега пожарникарите ќе можат да делуваат побрзо и поефикасно и на непристапни предели. Би сакала да имаме помалку интервенции“, рече Ѓорѓиевска, која информираше дека Општината ги разгледува можностите во општинскиот буџет за наредната година да се испланираат средства за реновирање на објектот на противпожарната станица.
Овој проект беше еден од избраните како приоритетен за реализација избран од страна на граѓаните преку Форумите на заедници. „Се надевам дека ќе успееме да ја продолжиме соработката во интерес на сите граѓани“, истакна директорот на Центар за развој на Североисточен плански регион, Младен Протиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

