Македонија
Перински: Сто дена посветени за секој граѓанин и секоја општина, инвестирани над 1 милијарда денари и 200 проекти за развој на сите региони
„Изминативе 100 дена бевме посветени на секој граѓанин и секоја општина, инвестирани се над 1 милијарда денари во речиси 200 различни инфраструктурни проекти во сите осум плански региони низ земјава. Реконструкција и изградба на патишта, адаптација и реконструкција на објекти во енергетско ефикасни згради, реконструкција на објекти од областа на образованието и социјалната и здравствена заштита, подобрување на инфраструктурата на туристичко – излетнички места, се само дел од проектните стратегии кои ги имплементиравме за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната презентација на активностите и проектите од неговиот ресор во изминативе 100 дена од новата Влада. Тој посочи дека уште првиот ден откако стапил на функцијата, настапил со силна посветеност, голем елан и искрена желба за подобрување на функционирањето на системот на локалната самоуправа, на секој регион, секоја општина, за подобрување на квалитетот на живот на секој еден граѓанин.
Дел од проектите, информираше Перински, се имплементираат преку Бирото за регионален развој, некои во соработка со општините, а има и проекти кое се резултат на партнерските односи на Министерството за локална самоуправа со Швајцарската агенција за обнова и развој, како и со проектните партнери на локалната самоуправа како УНДП, ОБСЕ мисијата и Националниот Демократски Институт – НДИ.
Важен сегмент од инвестицискиот план, посочи министерот, се и проектите од ИПА Програмата, во соработка со сите пет соседни земји кои заеднички придонесуваат за развој на пограничните региони.
„Овие 100 дена беа период на интензивна работа, во кој успеавме да ги надминеме наследените предизвици и да разработиме систем кој максимално ги искористува сите капацитети и ресурси за постигнување на нашите зацртани цели. Со максимална посветеност и ангажман, започнавме со реализација на поставените приоритети. Успеавме да детектираме и адресираме многу од пропустите со кои до неодамна се соочуваа општините, што резултираше со подобрување на квалитетот на испорачаните јавни услуги и подобрување на секојдневието на граѓаните“, истакна Перински, кој посочи дека преку Бирото за рамномерен регионален развој, во тековната година се реализираат 129 проекти во области како енергетска ефикасност, инфраструктура, заштита на животната средина и развој на туризмот.

Во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој, посочи министерот, активно се спроведуваат и 12 дополнителни проекти кои вклучуваат реконструкција и проширување на локални патишта, пешачки и велосипедски патеки, се реализираат проекти за изградба на канализациона мрежа, а дополнително, се спроведува истражување за паметна специјализација за реален развој на Пелагонискиот плански регион и опремување на „Ѓаконикон” во манастирот Св. Јован Бигорски“.
Во својот отчет, Перински ги наведе и десетте проекти кои Министерството за локална самоуправа ги имплементира во сите осум плански региони со поддршка на Швајцарската агенција за обнова и развој и Владата на Швајцарија, меѓу кои се проектите за подобрување на здравствените услуги во Југозападниот регион преку опремување на современ Центар за физикална терапија во „Св. Еразмо“ во Охрид, реконструкција на охридската специјализирана болница за срцеви заболувања и реконструкција на ЈЗУ „Нефрологија“ во Струга, изградба на Регионален центар за бездомни миленици наменет за деветте општини од Вардарскиот регион, како и зголемување на капацитетноста и условите за престој во Дом за стари лица во Берово и зајакнување на капацитетите за заштита и превенција од пожари во микро регионот на Куманово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце.
„Во периодот што следува, со поддршка на канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП, ставаме фокус на примената на Законот за локалната самоуправа. Овој исклучително важен и во основа добар закон, веруваме дека има простор уште повеќе да се подобри преку системска анализа на одредени слабости кои ги воочуваме во нашиот систем и преку предлагање на соодветни решенија во согласност со најдобрите европски искуства. Во оваа смисла, со поддршка на УНДП, во периодот што следува ќе се формира група од домашни и од меѓународни експерти која ќе ги истражи најдобрите практики кои треба да овозможат уште поголема функционалност на општините, во интерес на испорачување на поквалитетни услуги на граѓаните. Правиме маскимални напори да целата оваа процедура се заврши до локалните избори, за да може новите општински власти да работат согласно измените и дополнувањата на овој важен фундаментален акт“, најави Перински, кој потенцираше дека подготовката на новото законско решение ќе се крои преку широки јавни дебати. Дополнително, со партнерство со УНДП, како што информираше министерот, ќе продолжи зајакнувањето на капацитетите на општините во насока на нивна поголема транспарентност и отчетност и за таа цел предвидено е во наредниот период да бидат опфатени 40 општини во рамки на соодветниот проект.
„Делуваме и во насока за ажурирање на општинските бази на податоци на даночни обврзници за поефикасно собирање на средствата од данок на имот и од комунални такси. Продолжуваме со дигитализација на општините. Во моментов има 23 општини плус Градот Скопје кои својот систем го имаат поврзано со ЛоГес системот, а планот е во текот на наредната година кон системот да се вклучат уште 29 општини, а во 2026 година уште 28 општини. Доколку ја реализираме оваа динамика, за две години ќе имаме целосно дигитализирани општини во државата“, најави министерот, кој периодов, меѓудругото, е фокусиран на јавниот повик до општините за доделување средства за реализација на инфраструктурни проекти со пари од државниот буџет. На повикот пристигнати се вкупно 358 апликативни формулари од вкупно 80 општини.

Деновиве, посочи Перински, се очекува ресорните министерства да ги достават подготвените извештаи со предлог проекти за финансирање до Владата и истите да бидат предмет на разгледување на некоја од следните владини седници на која ќе се донесе одлука кои проекти ќе се финансираат со предвидените 100 милиони евра од државниот буџет наменети за оваа година.
Во петнаесетминутниот детален отчет за сработеното во изминативе 100 дена, министерот го презентираше и својот личен проект, т.н. платформа „сподели“ преку која граѓаните можат да му се обратат со било каков проблем, предлог, критика, идеја.
„[email protected] претставува моја лична заложба, ветување и посебен фокус. Целта е во улога на медијатор да се обидам да посредувам во решавање на нивните проблеми. Преку сите реализирани проекти во овие 100 дена, сакам да покажеме и верувам дека успеавме да ставиме крај на селективниот пристап, односно дека започнуваме нова ера на инклузивност кон сите граѓани и кон сите општини. И скопски Центар, и Чаир, и Куманово, и Гевгелија, но и Струмица и Дебар – за нас сите општини и граѓани се исти, подеднакво важни и се дел од нашата визија за пофункционални општини за подобар и поквалитетен живот за сите“, истакна министерот Перински, според кого изминативе 100 дена не биле лесни, а претставуваат почеток на еден долгорочен пат.
„Ќе продолжиме уште понапорно, уште попосветено и уште порешително во периодот што следува. Ова го правиме не само за да ги исполниме ветувањата, туку првенствено затоа што сакаме да создадеме трајни промени кои ќе имаат позитивен импакт подеднакво врз секој граѓанин и врз секоја општина во нашата земја. Денес, нашата цел е кристално јасна: со 100% посветеност ќе ја продолжиме реализацијата на проектите и ќе ја оправдаме довербата што граѓаните ни ја дадоа. Довербата на граѓаните е нашиот најсилен мотив и ние сме обврзани да ја оправдаме со конкретни дела“, резимираше министерот во отчетот пред новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тренчевска: Пратениците да гласаат за 600 евра минималец, трудот на работникот мора да се вреднува
Воведувањето и зголемувањето на минималната плата е една од клучните економско-социјални политики насочени кон заштита на животниот стандард на граѓаните и секоја влада која сака да го заштити стандардот на работниците треба да ја зголеми минималната плата согласно инфлацијата и куповната моќ на граѓаните, нагласи пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска на денешната собраниска Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, на која на дневен ред е Предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, поднесен од пратенчката група на СДСМ и коалицијата.
Во образложувањето на предлог-измените, Тренчевска ги повика сите пратеници да го поддржат зголемувањето на минималната плата на 600 евра, за да се почитува трудот на работниците и да се овозможи секое семејство кое живее со минимална плата да има достоинсвен живот.
Тренчевска посочи дека барањето за 600 евра минимална плата е оправдано. Инфлацијата и трошоците за живот континуирано растат, а мерките кои што владата ги презема не дадоа никаков ефект.
„Имаме годишна инфлација од 4,1%, а кај храната таа инфлација е многу повисока, односно над 5%. Оваа инфлација многу повеќе ја чувствуваат оние граѓани и работници кои имаат ниски примања. Сите оние мерки кои божем ги преземаше владата за да се органичи растот на цените не дадоа никаков ефект. Куповната моќ на граѓаните од месец во месец, од ден во ден, сè повеќе паѓа. Во февруари годинава, само за еден месец синдикалната кошничка се зголемила за околу илјада денари, а во однос на февруари 2025 година, таа се зголемила за 3.609 денари, а во споредба со 2022 година за повеќе од 30.000 денари. Денес ни требаат скоро три минимална плати за да може да се исполни она што е предвидено како основни производи за живот во синдикалната кошничка“, рече Тренчевска.
Во образложението таа нагласи дека улогата на владата во Економско-социјалниот совет како трипартитно тело не треба да се сведе на посредник.
„Таа секогаш треба да биде во заштита на работникот, а не да смета дека е само посредник или модератор на Економско-социјалниот совет. Напротив, Владата е дел од советот, партнер и учесник којшто директно преговара и соработува и со работниците и со работодавачите, а не ги остава работодавачите сами да одлучуваат дали им одговара да се покачи минималната плата на барање на работниците, затоа што тоа никогаш нема да го видиме“, рече Тренчевска.
Потсети дека во 2022 и 2023 година, кога се зголеми минималната плата, владата на СДСМ не ја префрли целата тежина врз работодавачите, ги субвенционираше придонесите, за компаниите да ги зголемат платите а истовремено да не им се наруши ликвидноста.
„Преку субвенционирање на придонесите се обезбеди поддршка за околу 130 илјади граѓани кои зимаа повисоки плати во компаниите. А за сите оние кои беа на минимална плата, Владата обезбеди поддршка на разликата помеѓу претходната минимална плата и онаам минимална плата што беше утврдена во 2022–2023 година. Тоа значи дека компаниите не беа оставени сами на себе, туку и тука се гледа улогата на Владата, да може да ги поддржи и барањата на работниците, но и барањата на работодавачите“, рече Тренчевска.
Македонија
Филков ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор
Министерот за правда Игор Филков на прес-конференција упати пораки во врска со одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случај поврзан со истрага за проневера од над осум милиони евра.
Во своето обраќање, министерот потенцираше дека Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата на граѓаните во правниот систем е разнишана, ниту ќе стои на страна кога јавноста со право бара одговори.
„Досега, почитувајќи го принципот на поделба на власта, не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е темел на правната држава. Но кога одлуките отвораат сериозни дилеми и ја доведуваат во прашање еднаквоста пред законот, должност ми е да побарам отчетност“, истакна Филков.
Тој нагласи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое бил утврден ризик од бегство – ризик што се остварил – и дека јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.
Министерот јавно ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки, потенцирајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
,,Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување:
Јавниот обвинител Даниел Коцев,
– да објасни, врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено позитивно мислење за замена на притворот?
Раководителот на обвинителството Анел Фидоски, –дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот?
Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски,
– кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое веќе 14 месеци беше недостапно?” изјави министерот за правда Игор Филков.
Тој информираше дека побарал објаснување и од надлежните институции во однос на условите во притворските установи и најави вонреден надзор во казнено-поправните установи со цел утврдување на безбедносната состојба.
„Залудно носиме закони ако не се спроведуваат. Залудно зборуваме за реформи ако практиката ја руши довербата. Ова не е прашање на политика, туку на принцип“, порача Филков.
Македонија
Ѓорѓиевски на средба со амбасадорите на Германија, Словенија и Италија: со цел унапредување на Скопје како модерен, безбеден и функционален европски град
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски оствари работни средби со амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, амбасадорот на Италија, Паоло Палминтери и амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер.
На средбите беа презентирани тековните проекти и развојните планови на Градот, со цел унапредување на Скопје како модерен, безбеден и функционален европски град. Беше истакната важноста од продлабочување на соработката во областа на економијата, културата, образованието, туризмот, управувањето со сообраќајот и одржливото управување со отпадот.
Соговорниците изразија взаемна подготвеност за понатамошна соработка, размена на искуства и реализација на заеднички иницијативи во интерес на граѓаните.

