Македонија
Перформансите на новите оклопни возила презентирани пред Џафери и членовите на Комисијата за одбрана

По покана на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, претседателот на Собранието, Талат Џафери, заменик-претседателот на Собранието, Горан Мисовски, и членови на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, денеска во штипската касарна „Јане Сандански“ можеа да проследат показна вежба, чиј составен дел беа и новите најмодерни лесни оклопни возила на Армијата на Република Северна Македонија, JLTV Oshkosh.
Вежбата „Употреба на JLTV-возилата при изведување борбени операции со воздушна поддршка“ ја изведоа припадниците на вториот баталјон од 1. пешадиска бригада на Армијата, единица што пред пет месеци успешно го помина НАТО-оценувањето.
По вежбата од страна на припадниците на армиската НАТО-единица присутните беа запознаени и со тактичко-техничките карактеристики на возилата и нивната намена, а беше презентиран и дел од нивната лична опрема и вооружување.
Првите 6 нови лесни оклопни транспортери од американско производство пристигнаа во јули годинава и со нив значително е подобрена борбената готовност на Армијата.
Се очекува во следниот период да биде испорачана нова пратка од 27 возила од овој тип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.