Македонија
Петар Богојески избран за професор по јавен менаџмент и лидерство на Универзитетот за мир
Проф. д-р Петар Богојески, политички и граѓански активист и публицист, претседател на политичката партија Македонски концепт, е избран за професор по јавен менаџмент и лидерство на ECPD при Универзитетот за мир – UPEACE, основан од Генералното собрание на Обединетите нации, Њујорк, САД, во согласност со резолуцијата 35/55 од 1980 година. UPEACE ја извршува својата благородна задача со слоганот SI VIS PACEM – PARA PACEM („Ако сакате мир – подгответе се за мир“).
Универзитетот за мир е меѓународна институција за високо образование со цел промовирање мир и соработка меѓу сите човечки суштества на духот на разбирање, толеранција и мирен соживот, стимулира соработката меѓу луѓето и помага во намалувањето на заканите за светскиот мир и напредок.
ECPD е меѓународна и вонтериторијална организација, која ужива академска слобода потребна за исполнување на нејзините задолжителни задачи и цели, особено во однос на изборот на теми и методи на истражување, академски и друг кадар, како и образовни програми и форми на ширење на знаењето, со цел промовирање на мирот, развојот и меѓународната соработка, основан според меѓународен договор да работи на територијата на „Хелсинки Европа“, која ги опфаќа земјите од Европа и Северна Америка во рамките на Светскиот универзитет за мир, основан од организацијата на Обединетите нации, работејќи на свеста дека не може да се обезбеди траен мир доколку земјите и нациите со тешко минато не почнат да се развиваат на значително побрз и похармоничен начин од досега, како и од универзалната вистина дека нема мир без развој.
„Здружувањето значителен дел од интелектуалните потенцијали на Западот и Истокот, на Северот и Југот, особено создавање на интердисциплинарната и креативна атмосфера за вистинска тимска работа, без разлика дали истражувате во Скопје, Њујорк, Мадрид, Москва, Париз, Брисел, Милано, Даблин, Будимпешта, Атина или Лондон, е основен предуслов за создавање траен мир на планетата Земја. Знаењето, науката, образованието ќе нè донесат до траен и одржлив мир“, вели Богојески.
Проф. д-р Петар Богојески ќе работи на постдипломски степени и специјалистички обуки во повеќе научни дисциплини и области и на спроведување низа проекти посветени на промоција на мирот, развојот и меѓународната соработка, особено за територијата на Европа, но и други делови од светот, како САД, Канада, Јапонија, Кина, Индија и други земји, со учество на светски реномирани експерти од речиси сите континенти на многубројни меѓународни научни конференции, семинари, курсеви, тркалезни маси, академски и стручни работилници и слично, преку објавување стручни и научни трудови и учебници за постдипломски студии.
Богојески и досега беше ангажиран во речиси сите области на науката и истражувањето, особено со докторските и специјалистичките студии, вклучувајќи рационално користење и развој на човечките и природните ресурси и економскиот развој, јавното претприемаштво, културен и демократски развој и слично. Забележителни активности имаше во делот на јавните финансии, промоција на мали и средни претпријатија, транформација на јавниот сектор, управување со стопански и нестопански дејности и слично.
ПР текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.

