Македонија
(Видео) Петков бара да се свика Советот за национална безбедност поради преговорите со Македонија
Бугарскиот премиер Кирил Петков во видеообраќање го повика претседателот на државата Румен Радев да го свика Консултативниот совет за национална безбедност за состојбата со преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија, пренесува бугарската агенција „Бгнес“.
Премиерот нагласи дека бугарската влада, без оглед на надворешниот притисок, нема да направи ништо без широк национален консензус во согласност со коалицискиот договор.
„На Консултативниот совет за национална безбедност треба да учествуваат сите партии, сите служби и претседателската институција. МНР ќе поднесе извештај за состојбата на преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија. За овој извештај следната недела ќе се расправа на редовниот коалициски совет“, истакна Петков.
Бугарскиот премиер нагласи дека Владата нема да направи ништо врз основа на надворешен притисок и пред целосно разбирање на ниво на коалициски совет, длабока дискусија во Консултативниот совет за национална безбедност и јасен и потврден став во бугарскиот парламент.
„Само Народното собрание го има конечниот легитимен мандат на тема Северна Македонија и тоа мора да им биде апсолутно јасно на целото бугарско општество и на нашите надворешни партнери“, заклучи Петков.
Ваквото обраќање на бугарскиот премиер следува откако еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархељ, вчера во Бугарија одржа средби со него, со претседателот Румен Радев и со министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска.
„За три недели се враќам во Софија“, напиша Вархељ на „Твитер“ по вчерашните состаноци изразувајќи очекување дека Бугарија во овој период ќе се согласи за почеток на преговорачкиот процес во јуни.
„Важноста да имаме стабилен и просперитетен Западен Балкан нема цена. Во овој контекст значаен придонес би бил одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. Треба да работиме на ова заедно“, напиша Вархељ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.

