Македонија
Петков: Во договорот за добрососедство јазикот е јасно дефиниран
Премиерот на Бугарија, Кирил Петков, не одговори конкретно на прашањето во која држава се наоѓа и кој јазик се зборува во неа. Наместо тоа, посочи дека дефиницијата за јазикот е јасна во договорот за добрососедство. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски пред својот колега посочи дека сме признаена држава со македонски јазик. Петков, за разлика од некои од неговите интервјуа, овој пат не кажа дали и натаму останува на ставот дека македонскиот јазик го признава по 1944 година.
„Ќе обрнеме внимание на работите што нѐ зближуваат, а на другите работи ќе им дадеме подолг рок. Сакам да кажам многу јасно дека во договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот. Тука е прашањето дека Бугарија го почитува и се гордееме што ја признавме независноста на Северна Македонија и истовремено со тоа го почитуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија и користењето на сите ваши јазици како што се во Уставот. Имаме полно почитување на тоа“, рече Петков.
Премиерот Ковачевски рече дека историските прашања ќе бидат во втор план, а целта на двете влади ќе биде зближување на народите.
„Се договоривме да формираме работни групи од повеќе области – инфраструктурата, економијата, трговијата, деловната соработка, образованието и исто така тука спаѓа и Комисијата за историско-образовни прашања, која има свој план за работа. Тие треба да информираат што е договорено и начинот на кој е договорено. Во однос на јазиците, ние сме држава признаена од Бугарија, со македонски јазик, со потпишани билатерални договори, со кои се регулира начинот на кои се потпишани тие договори, македонскиот јазик е дел од повелбата на ОН и другите институции и организации во кои членуваме. Сите прашања што се однесуваат на историските делови ќе бидат во втор план, а во прв план е да го градиме зближувањето на граѓаните, кој ќе ни даде стимул и аргументи за постигнување договор со Бугарија и почнување на преговорите со ЕУ“, рече Ковачевски.
Премиерот на Македонија додаде дека се надева оти договореното помеѓу членовите на Комисијата ќе биде мост кон иднината, а не враќање кон минатото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово
„Сведоштвата на поранешната обвинителка Лејла Кадриу отвораат сериозни прашања за причините и одговорноста за трагичниот настан во модуларната болница во Тетово. Филипче ја составил, потпишал и одобрил техничката спецификација, но доколку постапувал согласно закон и доколку не го интересирале провизии, трагедијата можела да биде спречена“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Модуларната болница во Тетово била изградена без исполнување на минимум стандарди. Наместо овие објекти да служеле за безбедност на граѓаните, истите не биле во согласност со пропишаните стандарди за изградба на објекти од областа на здравството.
Зошто законите не се почитувале и се импровизирало при нивното спроведување?
Зошто не биле доследно применети Законот за градење и Законот за здравствена дејност?
Зошто профитот бил ставен пред јавното добро?
Филипче и СДС наместо безбедноста на граѓаните ги интересирале провизии, анекси и тендери.
Во време на Филипче се вршеле набавки на вакцини од фирма која продава манго и ананас. Дополнително, се делеле физиолошки раствори наместо хемотерапија на Онкологија.
Пожарот во модуларната болница во Тетово исто така се случил поради низа пропусти при изградбата на објектот.
Очекуваме Јавното обвинителство темелно и целосно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Аврамовски: Потребни се искрена посветеност и сериозен ангажман од власта во надминувањето на кризата со транспортерите
„Додека нашите владини претставници уверуваа за брзо решение со транспортерите, претставникот на здружението ‘Меѓународен транспорт’, кое ги води преговорите со ЕУ за надминување на блокадите, изјави дека Унијата не прифатила ништо од нивните барања и дека се повторно се можни нови блокади“, изјави портпаролот на Либерално-демократската партија (ЛДП), Љубен Аврамовски.
ЛДП уште пред две недели алармираше дека додека нашите министри се враќаат од Брисел со „одлични вести“ за надминувањето на проблемот со транспортерите и ЕУ, босанскиот министер за транспорт Един Форто, изјави дека засега „нема решение за проблемот со транспортерите и ќе има дополнителна работна група“.
„Повторното нагласуваме, одложувањето на проблемот до септември не значи никакво решение, ниту одлична вест. Секој изминат ден за превозниците значи изгубено време и губење на заработката. Упатуваме апел до нашите државни претставници за искрена посветеност и сериозен ангажман во врска со надминување на моменталната криза со транспортерите. Возачите на камиони мора да бидат сметани за професионалци, а не за туристички патници“, вели Аврамовски во својата изјава за медиумите.
Македонија
„Премиерот на море со авион, а за работниците нема пари за 600 евра плата“, велат од СДСМ
„Премиерот ужива во луксузот на грбот на народот. Дури и на Јадранско море, на капење оди со владиниот авион. Додека нема пари за работниците, нема пари за зголемување на минималната плата на 600 евра, додека се кратат 40 милиони евра за земјоделците“, велат од СДСМ.
„Исто како Никола Груевски, тој купуваше мерцедес од 600 илјади евра и носеше очила од 60 илјади евра а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да купи нов авион, за нови туристички прошетки.
Додека Мицкоски лета, работниците тонат. Граѓаните едвај врзвуваат крај со крај, се борат со скапотијата и ниските плати а премиерот Мицкоски се луксузира во свет на привилегии, ароганција и расипништво.
Колку ги чинело граѓаните ова луксузирање на премиерот со владиниот авион?“, прашуваат од СДСМ преку писменото соопштение.

