Македонија
Петровска во посета на Командата за обука и доктрини во касарната во Велес

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во придружба на началникот на Генералштабот, генерал Васко Ѓурчиновски, денеска беше во посета на Командата за обука и доктрини во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес.
За време на посетата, од страна на командантот на КОД, Васко Коколански, Петровска беше информирана за задачите и активностите, што се реализираат во КОД, планот за развој на АП „Криволак“ за 2023-2028, основната обука на професионалните војници и курсевите за подофицери, како и процесот на изработка на правила, упатства и доктрини.
Taa го посети Центарот за симулации, каде што се изведуваат симулирани компјутерски асистирани вежби до ниво на бригада. Една од позначајните симулациски вежби, која е реализирана во овој центар, е вежбата Seven stars, изведена во соработка со Бригадата на Југоисточна Европа – SEEBRIG. На брифингот Петровска беше запознаена за можностите што ги нуди овој центар, кој може да се искористи и за симулирање вежби за заштита на критичната инфраструктура.
Ги посети и припадниците на Армијата, кои во моментот се наоѓаат на курс за први подофицери, како и дел од новопримените професионални војници, кои ќе бидат во состав на родот пешадија, а кои во моментот извршуваат стручно специјалистичка обука.
При денешната посета, Петровска направи и увид на реновираниот објект во велешката касарна, чија намена е сместување и изведување обука. Објектот е целосно реновиран во согласност со највисоките стандарди за ваков вид објекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Со 2,5 милиони денари интервентно ќе се заштитува Македониумот, а странски експерти ќе работат на трајна заштита

Споменикот „Македониум“ над Крушево до крајот на оваа година ќе биде итно заштитен од пропаѓање, а за следната година Владата најави трајна заштита на која ќе работата странски експерти. Портпаролката на Владата, Марија Митева извести дека се преземени конкретни чекори за обнова на споменикот преку Министерство за култура и туризам во соработка со Завод и музеј Прилеп.
„За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, националната установа Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција. Би сакала да потенцирам дека ‘Македониумот’ е уникатен архитектонски и уметнички објект, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе ја обезбедиме од странство, за да гарантираме дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено“, рече портпаролката Митева.
За сегашната лоша состојба во која се наоѓа споменикот Митева нагласи дека вината е во непостапувањето изминатите години.
„Реконструкцијата на ‘Македониумот’ започна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година, процесот беше насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Од тогаш до денес, цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик. Важно е граѓаните да знаат дека денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Како и за многу други состојби коишто ги затекнавме при преземањето на власта, така и за оваа нема да бараме оправдувања, наша обврска е да го исправиме тоа“, рече Портпаролката Митева.
Споменикот е свечено откриен на 2 август 1974 година во Крушево, по повод 71 година од Илинденското востание и 30-годишнината од АСНОМ2. Изградбата траела четири години односно од 1970 година до 1974 година, а автори на монументалниот комплекс се Јордан и Искра Грабулоски. Сместен на ридот Гумење, над Крушево, на надморска височина од 1.320 метри, „Македониумот“ претставува архитектонска и симболична целина која го слави стремежот на македонскиот народ кон слобода, независност и културен идентитет. Во неговата внатрешност се наоѓа гробот на Никола Карев, а надворешноста е украсена со скулптури, витражи и амфитеатар со дела од Петар Мазев и Борко Лазески.
Македонија
Врвниот потенцијал да се стави на располагање на пациентите: Алиу потпиша меморнадум за соработка со приватните здравствени установи

Министерот за здравство Азир Алиу денес ги посети трите најголеми приватни здравствени установи во земјата – „Ремедика“, „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“ – со цел потпишување заеднички меморандум за соработка.
Со овој меморандум се воспоставува рамка за соработка помеѓу Министерството за здравство и приватните здравствени установи, со која ќе се овозможи ангажирање здравствен кадар – специјалисти од приватниот сектор во јавните здравствени установи во случаи на зголемени потреби, недостиг на кадар или други приоритетни здравствени барања, информираат од Министерството.
„Законоското функционирање на сите здравствени установи, како јавни така и приватни, е наш највисок императив. Целта е врвниот потенцијал на здравствениот систем да им се стави на располагање на пациентите преку мапирање и ставање на потребните ресурси во интерес на граѓаните“, истакна министерот Алиу.
Меморандумот предвидува Министерството тековно да ги идентификува јавните здравствени установи со потреба од дополнителен кадар, да обезбеди административна и правна поддршка, како и да ја координира соработката. Од друга страна, приватните здравствени установи се обврзуваат да обезбедат квалификуван здравствен кадар, кој ќе биде ангажиран под јасно утврдени услови и во согласност со етичките и професионалните стандарди.
Со овој чекор Министерството за здравство го унапредува партнерството со сите здравствени капацитети во државата, со крајна цел – подобрување на квалитетот и на достапноста на здравствените услуги за пациентите, велат од таму.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДС преку АНБ и АР ја следел ВМРО-ДПМНЕ за да го забрани постоењето на партијата, целта била да останат на власт

СДС преку АНБ и АР го следеле ВМРО-ДПМНЕ, за да го забрани постоењето на партијата, целта била да останат на власт. СДС целосно ги ставиле службите во нивната партиска агенда, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Службите, додава тој, го следеле претседателот Мицкоски, со цел негова политичка елиминација и елиминација на ВМРО-ДПМНЕ, а со цел што подолго да остане СДС на власт, за да ги распродава националните интереси и да прави криминал.
„Планот на СДС е осуетен од ВМРО-ДПМНЕ и искрената борба за подобра и посилна Македонија, и покрај сите следења и прислушувања, СДС не успеа во својот план за политичка елиминација на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски.
ЈО треба да се одважи и конечно да тргне одлучно во решавање на прислушкувањето. Злоупотребата не смее и нема да остане неказнета. Сите инволвирани ќе одговараат“.