Македонија
Петровска – Дадарио: Македонија е одговорен сојузник, кој директно придонесува кон безбедноста на алијансата
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, во Министерството се сретна со командантот на силите за брзо распоредување на НАТО во Италија, генерал-потполковник Лоренцо Дадарио, кој престојува во дводневна посета на Северна Македонија.
На средбата министерката Петровска порача дека со приклучувањето на Северна Македонија кон меморандумот за разбирање, чиј потписник се земјите-контрибутори во силите за брзо распоредување, нашата земја уште еднаш покажа дека безбедноста не ја зема здраво за готово и дека е активен учесник во зацврстувањето на сигурноста на НАТО и сите земји членки.
„НАТО со сега веќе 31 земја членка е одлучено и посветено на безбедноста на својата територија. Ние сме одбранбена алијанса, која не претставува закана за никого, туку, напротив, нашата заедничка цел е со здружени капацитети да ја гарантираме безбедноста на својата територија и на своите граѓани“, рече министерката. Изрази задоволство што Северна Македонија го потпиша меморандумот за разбирање и што НАТО е будно и обединето во гарантирањето на безбедноста на една милијарда луѓе во светот.
Генералот Дадарио се заблагодари за улогата што Северна Македонија ја има во зацврстувањето на безбедноста на регионот и на алијансата и додаде дека постоењето сили за брза реакција е уште еден исчекор кон безбедно и сигурно НАТО.
„Нашата цел како сили за брзо распоредување на НАТО во Италија е токму развој на способности за извршување мисии во целиот спектар на операции на брз и ефикасен начин. Овие сили се уште еден капацитет во басенот на НАТО, кој ја штити евро-атлантската област“, рече генералот Дадарио.
Генералот Дадарио во рамките на следните чекори на афилирање на припадници на Армијата во овие сили истакна дека знамето на Северна Македонија е веќе рамноправно со знамињата на другите 19 членки што партиципираат и изрази очекување до почетокот на летото да биде упатен првиот штабен офицер на Армијата на Република Северна Македонија во Штабот на корпусот, а набргу ќе биде разгледана и можноста за реализација на вежбовни активности на полигонот Криволак.
По средбата со министерката Петровска, генералот Дадарио се сретна со началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, а во рамките на посетата средба ќе има и со командантот на Командата за операции, бригадниот генерал Бесник Емини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дали СДС стравува од сведочењето на Груби“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Очигледна е паниката во редовите на СДС по апсењето на екс вицепремиерот Артан Груби. Институциите си ја завршија работата и го доведоа Груби пред лицето на правдата. Криминалецот Груби беше во бегство година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ. Додека се злоупотребувале парите на граѓаните СДС знаеле, молчеле и не реагирале поради коалициски мир со ДУИ, за да не им се распадне коалицијата и да останат ден повеќе на власт.
Дали денес нервозата кај Филипче, Заев и СДС доаѓа од можноста вистината да излезе на виделина? Дали во СДС има паника поради евентуалните искази што би можеле да допрат и до поранешни високи функционери на СДС помеѓу кои и Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ?
Институциите мора да постапуваат без селективност и без политички притисоци. Секој кој го прекршил законот мора да одговара.
Времето на неказнивост заврши, Македонија мора да биде држава во која правдата е еднаква за сите. Владеење на правото и правдата мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„Власта не се откажува од авионот, туку од зголемувањето на платите за работниците!“, велат од СДСМ
„Власта се нема откажано од авионот. Буџетот на СОЗР за оваа 2026 година беше зголемен за 124 милиони денари и тој е непроменет. Во Категорија 48 (Капитални расходи), под ставката за опрема, оваа сума соодветствува на годишна рата за купување авион со рок на отплата од повеќе години“, велат од СДСМ.
„Власта одбива да направи ребаланс на буџетот и парите да ги пренамени за плати. Тоа потврдува дека авионот не е избришан од Буџетот.
А во Собранието пратениците на ВМРО-ОКГ не сакаат ниту да разговараат за нашиот предлог за ребаланс на Буџетот, ниту за новиот Закон за минимална плата од 600 евра.
Мислат дека со дефокус ќе направат луѓето да заборават на авионот и тивко да работат во позадина за во иднина да земат нов. Луксузот на ВМРО-ОКГ не трпи, трпат само работниците.
Авионот сакаат да го земат на лизинг, на рати, па тоа да го претстават поинаку, само како изнајмување за потребите на Владата.
Никој не е наивен! Граѓаните ќе плаќаат, платите на работниците нема да ги зголемат. Ќе има пари за авион, мебел, луксуз, тендери, но за работниците нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.

