Македонија
Петровска: Денеска можевме да добиеме добра вест од Брисел, потребни се визија и лидерство за донесување на вистинските одлуки
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, со свое обраќање ја отвори регионалната конференција „Мир и просперитет на Западен Балкан“ во организација на Центарот на истражување и креирање политики и конзорциумот „СМАРТ Балкан“.
Министерката Петровска посочи дека европската иднина е иднина на помирување, а примерот на формирањето на Унијата, кога спротивставените страни по Втората светска војна во интерес на поголема цел и постигнување на заедничка просперитетна иднина си подале рака, покажува дека Европа е моќна само ако е обединета.
„Мирен и безбеден Балкан е можен само ако имаме интегриран Балкан, меѓутоа се покажало дека интегративните процеси за нас се и процеси на помирување внатре во секоја од нашите земји, но и помеѓу нас“, рече Петровска.
Таа потенцира дека денеска, кога истовремено се одржува и самитот на лидери на земјите членки на Европската Унија и кога можевме да добиеме убави вести за нашата натамошна интеграција во ова големо и просперитетно семејство, недостигот на визија и лидерство се испречува на нашиот пат.
„Потребно е да бидеме прагматични и мудри, што нам во Северна Македонија не ни е непознато. Потпишувањето на преспанскиот договор ја покажа нашата волја да минеме низ процес, кој иако беше тежок за многумина, имаше повисока цел. Членството во НАТО денес ни дава глас да кажеме – ние сме безбедни, ние сме сигурни, нашата демократија и вредности се зачувани… Оваа конференција ја одржуваме во истиот ден кога европските лидери зборуваат за проширувањето на Унијата. Денеска можевме да добиеме добра вест, но, за жал, кај опозицијата недостигаат визија и лидерство за донесување на овие одлуки“, истакна Петровска.
Таа потенцира дека сега е отворен прозорецот на можности за интеграција на Западен Балкан во Унијата. Во политиката на меѓународна сцена овие можности не се отвораат често и доколку се пропуштат, не се знае кога ќе биде дадена следната можност, рече Петровска.
Во изјава за медиумите Петровска посочи дека Северна Македонија и македонските граѓани заслужуваат да бидат дел до големото европско семејство и дека ни престојуваат уште многу задачи и обврски за реализација.
„Северна Македонија е исправена пред предизвикот на усвојување на уставните измени, кои, за жал, до овој момент не се реализирани. Се надевам дека сите демократски сили, прогресивни сили, кои ѝ мислат добро на оваа држава, ќе го направат вистинскиот чекор во таа насока. Не смееме да дозволиме нашата земја да не успее да го добие заслуженото место во Европската Унија“, рече Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Г.г. Стефан: Да ги зацврстиме единството и слогата, да ги надминеме разногласијата и меѓусебните поделби
Ариепископот Охридски и македонски заедно со Светиот архиерејски Синод, по повод велигденските празнувања, испраќа мир и благослов од Бога до свештенослужителите, монаштвото и до сите чеда на МПЦ-ОА.
– Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење. Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога. Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата, вели г.г. Стефан меѓу другото во обраќањето.
Македонија
Времето денеска сончево и потопло
Времето денеска во земјава ќе биде претежно сончево и потопло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје претежно сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степен.
Утре времето ќе биде претежно сончево и топло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер.
Македонија
Православните верници го слават Велигден
Православните верници денеска го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение, ден кога Исус Христос ја докажал својата божествена моќ и воскреснал од мртвите. Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, а денеска се одржуваат воскресенски литургии.
Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан богослужеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје од каде го објави Христовото Воскресение и упати Велигденски пораки.