Македонија
Петровска за случајот во Штип: Не станува збор за поткуп на гласачи, туку за економски криминал
„Очајници прават очајнички потези“, напиша заменик-министерката за внатрешни работи, Славјанка Петровска, во врска со објавата на министерот Наќе Чулев за откриен случај за поткуп на гласачи во Штип. Таа вели дека Чулев намерно не споделува клучни информации од истрагата и дека не е кривично дело поврзано со изборите, туку кривично дело од областа на економскиот криминал.
„Во врска со фејсбук-објавата на техничниот министер Чулев, а во интерес на објективно известување на јавноста поврзано со извршениот претрес во објекти во Штип за наводен поткуп, Чулев намерно или заради отсјајот, не споделува клучни информации од спроведената истрага, а тоа е дека сите од досега сослушаните граѓани, чии лични документи се најдени, изјавиле дека личните документи не им се земени заради поткуп, туку поради долг. Ова не е кривично дело поврзано со изборите, туку кривично дело од областа на економскиот криминал, кое допрва треба да се докаже“, напиша Петровска на „Фејсбук“.
Срамно е, додава таа, да се злоупотребува позицијата министер за внатрешни работи и да се соопштуваат невистини, особено кога истрагата е во тек, што впрочем е напишано и во известувањето до ОЈО.
„Известувањето во кое е наведено дека не се спомнува ниту една политичка партија, а е доставено до ОЈО, е потпишано и од началникот и од дополнителниот начлник на СВР Штип. Со ова очигледна е намерата на Чулев да влијае на истрагата и да ја злоупотреби за партиски цели“, напиша Петровска.
Таа ги повика, како што напиша, професионалните и чесни припадници на Министерството да не подлегнуваат на партиските притисоци и секој сомнеж за кривично дело да го докажат во соодветна постапка со соопштување факти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

