Македонија
Петровска и Битиќи го отворија НАТО-индустрискиот ден: компаниите подетаљно може да се запознаат со процедурите за настап на НАТО-пазарот
Министерството за одбрана заедно со НАТО Агенцијата за поддршка и набавки и НАТО Агенцијата за комуникации и информации денеска во Скопје го организираат НАТО Индустрискиот ден на кој компаниите подетално можат да се запознаат со постапките и процедурите за настап на НАТО пазарот кој во моментов изнесува над 10 милијарди евра на годишно ниво.
На отворањето на НАТО Индустрискиот ден се обратија министерката за одбрана Славјанка Петровска, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, генералната менаџерка на Агенцијата за поддршка и набавки Стејси Камингс и шефицата за набавки во Агенцијата за комуникации и информации, Џенифер Аптон.
„Кога говориме за НАТО, мислиме на безбедност и стабилност, но подеднакво важна е и можноста македонските компании, рамноправно да се учествуваат со сите останати компании во земјите члени во нудењето на производи и услуги за потребите на Алијансата. Станува збор за значаен пазар од над 10 милијарди евра на годишно ниво кој не смееме да го пропуштиме. Мораме да бидеме амбициозни, да се натпреваруваме со квалитет и со капацитети и да докажеме дека македонските компании технолошки и развојно можат да одговорат на барањата и да бидат конкурентни со компаниите во сојузничките земји“, рече министерката.
Петровска подвлече дека сè поголем број компании во Северна Македонија изразуваат интерес да се впишат во регистарот на економски оператори и да добијат потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за набавки за потребите на НАТО и земјите – членки.
„Наш заеднички предизвик е зголемено учество во НАТО пазарот. Свесни дека секој почеток е тежок, Министерството за одбрана е партнер кој е подготвен да им помогне на компаниите, пристапот до овој пазар да биде поедноставен, но и поефикасен и поуспешен“, рече Петровска. Додаде дека наскоро ќе биде испратен претставник од нашата земја во Агенцијата за поддршка и набавки со што дополнително ќе се олесни пристапот на македонските компании на НАТО пазарот.
Министерката информираше дека секоја година расте бројот на компании кои преку Министерството за одбрана се впишуваат во регистарот на компании кои можат да се пријават на тендерите на НАТО. Ако во 2021-та година тој број бил осум, во 2023-та дваесет и една, а до денеска вкупно 44 компании ја имаат таа можност.
Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање порача дека НАТО е многу повеќе од политички и безбедносен сојуз, тој во себе содржи и економска мрежа од можности чие искористување во најголем степен зависи од нас.
„Пред домашните компании се отвори простор да учествуваат во тендерски постапки на овој пазар. Тоа е шанса да пристапат и да бидат дел од поширока мрежа на економска соработка и трговски партнерства. Ова ќе ги засили нивните капацитети за иновации, квалитет и ефикасност, ќе ја подигне нивното ниво на конкурентност и за 500 милионскиот европскиот пазар“, рече вицепремиерот.
Битиќи упати благодарност до министерката Петровска која, рече, успешно ги развива партнерските односи со НАТО и отвора нови корисни перспективи за нашата држава. Со раководењето на овие процеси, министерката Петровска успеа политичките и безбедносните бенефиции да ги прелее во економијата, рече вицепремиерот.
Генералната менаџерка на Агенцијата за поддршка и набавки, Стејси Камингс се заблагодари за организацијата на НАТО Индустрискиот ден.
„Веќе имаме примери на учество на дел од компаниите од вашата земја кои што успешно учествуваа на тендерски постапки, исклучиво договори, меѓутоа денеска имаме една подлабока можност да зборуваме за механизмите, политиките, процесите и начинот на којшто голем број на компании од вашата земја може да учествуваат на тендерите, односно да бидат конкурентни со другите компании од другите земји членки на НАТО“, рече Камингс.
Шефицата за набавки во НАТО Агенцијата за комуникации и информации, Џенифер Аптон рече дека НАТО планира раст од 61% на глобалниот заеднички финансиран буџет и програми со индикативни бројки кои предвидуваат импресивно зголемување од 227% до 2030 година.
„Ова е значителен раст за да ја задоволиме оваа растечка побарувачка, ја препознаваме потребата од искористување на можностите на индустријата и олеснување на обезбедувањето на резултати со потребната брзина. Со голем ентузијазам стојам пред вас денес со намера да ги инспирирам вашите индустрии, непрофитни организации да ги истражат безбројните можности што ги нуди НАТО за нивната вредна работа и експертиза“, рече Аптон.
На НАТО Индустрискиот ден учествуваат компании од прехранбената, фармацевтската, енергетската индустрија, ИТ секторот и други.
——————————
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) СДСМ бега од темата Груби и од борбата против корупцијата, рече Петрушевски
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција оцени дека Социјалдемократскиот сојуз, како што рече, бега од темата Груби, и наместо да го поздрави справувањето со криминалот, нуди приказни за театар и циркус.
„Времето покажува дека на СДС – безрбетна најдобро ѝ оди кога нешто треба да се продава, распродава и да се мести. И тоа е така без разлика дали тоа е местење на тендери или продавање на државата“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека партијата наместо да поздрави, како што наведе, „чин на справување со незаконити дејствија, криминал, фаќање на лица кои бегаат или бегале од правдата“, се занимава со други теми.
„Очигледно е зошто го прават тоа, веројатно затоа што во конкретниот случај со Артан Груби не можат ни да се сетат во што се биле заедно вмешани, во какви зделки, коруптивни активности или криминал. Поточно во што се шурувале“, изјави Петрушевски.
Тој додаде дека актуелното раководство на СДСМ, меѓу кои ги спомена Венко Филипче, Оливер Спасовски, Јованка Тренчевска и Јон Фрчкоски, „кажуваат секојдневно некакви приказни“, но дека суштината, според него, е борбата против корупцијата.
„Професионална, координирана активност на надлежните служби за да се фати бегалец од правдата покажува на дело дека сега борбата со корупцијата и криминалот е решителна“, изјави Петрушевски.
Тој нагласи дека за ВМРО-ДПМНЕ клучна е борбата со корупцијата и криминалот и, како што рече, „поставувањето на здрави темели на начелото на владеење на правото“.
Македонија
Кардиологија и Кардиохирургија стануваат еден центар: заштедите од спојувањето ќе одат во опрема и едукација, најави Алиу
Владата на последната седница, која се одржа минатиот вторник(24.02.2026), на предлог на Министерството за здравство, донесе одлука за спојување на Клиниката за кардиологија и Државната клиника за кардиохирургија, со цел обезбедување повисок степен на интегрираност, координација и ефикасност во третманот на пациентите со кардиоваскуларни заболувања, преку рационално искористување на постојните човечки, просторни и технолошки ресурси на двете установи.
„Со донесената одлука за спојување на двете клиники формираме единствен центар на терциерно ниво за кардиоваскуларна медицина, кој овозможува континуитет на дијагностичко-терапевтскиот процес, од превенција и дијагностика, до интервентен и хируршки третман. Преку укинување на административните дупликати и оптимизација на организациската структура, создаваме предуслови за заштеда на средства кои ќе се реинвестираат во унапредување на квалитетот на услугите, модернизација на медицинската опрема и професионална едукација на кадарот“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
На овој начин ќе се овозможи подобра искористеност на капацитетите, односно зголемен број интервенции со интеграција на лабораториските, стерилизациските и операционите служби. Пациентите ќе добиваат комплетна кардиолошка и кардиохируршка грижа во рамки на единствена установа, без административни пречки и чекање трансфер, што значи поголема достапност и континуитет на здравствените услуги.
Воедно, спојувањето на клиниките ќе придонесува кон развој во сегментот на едукација и истражување, со креирање обединет академски центар со повеќе можности за обука на специјализанти, супспецијализанти и развој на научни програми.
Македонија
Исчистен просторот кај СЦ „Борис Трајковски“, подигнати 3.500 м³ отпад за 100 дена
Општина Карпош спроведе сериозни активности за уредување на јавните површини. Дивите депонии на повеќе локации се расчистени, а просторот околу Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е целосно исчистен. На потегот кај „Скупи 5“ и кон Бардовци се подигнати над 3.500 кубни метри отпад, информираат од општината.
Покрај тоа, од општината велат дека се реализирани повеќе од 50 интервенции на јавното осветлување, спроведена е редовна дератизација и одржување на противпожарната инфраструктура во училиштата и градинките. Исто така, објавен е повик за стерилизација на улични мачки, а во училиштата започнаа активности за производство на компост и намалување на аерозагадувањето.

