Македонија
Петровска на средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со амбасадори на земјите членки на ЕУ, акредитирани во Северна Македонија.
Средбата беше во функција, министерката да ги брифира амбасадорите за приоритетните активности во Министерството за одбрана, состојбите во Армијата, и реформските процеси што се преземаат во оваа област.
Петровска ги запозна одблиску амбасадорите за реформите во системот на кризен менаџмент, критичната инфраструктура, предизвиците околу хибридните закани и сајбер одбраната, подобрувањето на стандардот на припадниците на Армијата и на вработените во Министерството за одбрана, но и за учеството во различни мисии на НАТО и ЕУ и за процесите на модернизација на Армијата. Петровска со Амбасадорите го адресираше и прашањето на борба против корупцијата и организираниот криминал за што и потенцираше дека оваа борба е клучна за сите чинители во општеството при што нагласи: „Борбата против корупцијата е безбедносно прашање за сите земји од Западен Балкан, исто како што и нивната интеграција кон Европската унија“.
На средбата со амбасадорите, Петровска истакна дека Северна Македонија има клучна улога во промовирањето на мирот, стабилноста и безбедноста на Западен Балкан и воедно потенцираше дека мора да бидат вложени сите напори да се задржи ЕУ перспективата како главна движечка сила на земјите од Западен Балкан.
“Северна Македонија со својата култура на дијалог и способност за постигнување компромиси за билатерални прашања се промовираше како активен придонесувач за градење и зајакнување на стабилноста, добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа. Обезбедувањето опиплива перспектива за европска интеграција е исклучително важно за Република Северна Македонија и за Западен Балкан, како целина. Тоа ќе ги обликува земјите од регионот во просперитетни и сигурни партнери во борбата против нашите заеднички предизвици“ потенцираше Петровска.
Во однос на украинската криза, министерката Петровска истакна дека НАТО земјите се обединети во поддршката за оваа земја во нејзините напори да ја одбрани својата територијална независност и сувереност и додаде дека Северна Македонија ова го докажа на дело преку одлуките за воена и хуманитарна помош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од пет скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
· од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од ул. Димче Милошевски. (Општина Гази Баба)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од ул. 1 во с. Сопиште. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од ул. Димитар Мирсачев. (Општина Кисела Вода)
· од 09:00 до 15:00 часот, корисниците од објектите во околината на ул. Леринска бр. 3. (Општина Карпош)
Македонија
Променливо облачно, претпладне слаба магла, попладне повремени врнежи од дожд
Променливо облачно, претпладне по одделни котлини со појава на магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне во делови од котлината со појава на слаба магла. Попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време, по одделни котлини со појава на утринска магла. Во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневната температура ќе опадне за неколку степени. Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во деновите од следниот викенд.
Македонија
(Видео) Мециновиќ до гласачите на СДСМ: Браната е пукната и ние сме вашата опција, затоа што Левица е опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ
Во изминатите два месеци постигнавме нешто што не можевме да го замислиме. Во создавањето на ова движење, во овие 60 илјади луѓе кои се одважија да ја изберат нашата опција го имаме огледалото за иднината на Скопје, кажа кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ.
„Во следните две и пол години само дополнително ќе се мобилизира, на парламентарните избори Левица ќе претендира да биде прва партија во Скопје“, кажа Мециновиќ.
Тој се заблагодари на сите гласачи на Левица.
„Тие ни ја даваат енергијата која ја имаме за да се спротивставиме на оваа ламја режимска“, кажа Мециновиќ.
Тој исто така им се заблагодари и на сите неопределени кои излегле да гласаат и им порача дека навистина не е залудно.
„Со ова покажавме дека иднината во Македонија е навистина посветла. Ние сме разбудени и се повеќе и повеќе ќе го чувствуваат одговор. Сакам да им се заблагодарам и на гласачите на СДС. Сметам дека браната е пукната и ние сме вашата опција. Ве повикувам да останете зад контингентот на Левица, затоа што Левица е опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ“, додаде Мециновиќ.
По оваа изборна трка, тој им порача на сите 60 илјади луѓе кои го дале гласот за него, дека ќе биде нивниот глас во парламентот, а ВМРО-ДПМНЕ ќе добие уште пожестока борба.

