Македонија
Петровска – Пелеши: Најдобар одговор на безбедносните предизвици се интензивната одбранбена соработка и јакнењето на колективната безбедност
Министерката за одбрана Славјанка Петровска, денеска, во рамките на заедничката седница на владите на Северна Македонија и на Албанија во Скопје, се сретна со албанскиот министер за одбрана, Нико Пелеши, со кого разговара за интензивирање на одбранбената соработка, особено имајќи предвид дека токму на заедничката седница беше потпишан нов меморандум за билатерална соработка, кој ги отсликува новата реалност и фактот дека и двете земји соработуваат како земји сојузнички во НАТО.
„Северна Македонија и Албанија ја споделуваат истата визија за Балканот како регион што мора да остане безбеден, стабилен и во мир. Најдобар одговор на нарушената безбедност на континентот со руската агресија врз Украина е продлабочувањето на меѓусебната соработка. Обновениот билатерален меморандум го овозможува токму тоа бидејќи клучот кон успешна одбранбена соработка и целосна интероперабилност на двете сојузнички армии се заедничката обука, заедничките вежби, блиските контакти помеѓу војниците и развивањето пријателства“, рече министерката.
Петровска посочи дека и припадниците на двете армии во континуитет имаат одлична соработка, факт што се гледа и преку големиот број заеднички вежби и обуки, како вежбата Swift Response оваа година и планираното заедничко учество во вежбата Defender Europe 23, која треба да се реализира в година и која е дизајнирана да изгради подготвеност и интероперабилност во алијансата и помеѓу НАТО и партнерските земји.
„Регионалната безбедност е приоритет за двете земји и ме радува што соработката и заедничкиот придонес кон регионалните безбедносни иницијативи се продлабочува. Нашата одбранбена и сојузничка соработка ја зацврстува безбедноста на Западен Балкан и испраќа уште една порака – местото на Албанија и Северна Македонија во ЕУ е заслужено, а брзата интеграција е суштинска за заедничката стабилност, безбедност и просперитет“, истакна министерката.
Министерот Пелеши изрази задоволство што и двете земји се силно посветени на меѓусебната соработка и што сето она што е планирано се реализира со одлично темпо.
Планот за билатерална соработка за 2022 година вклучува седум активности, од кои четири во Северна Македонија и три во Албанија. Фокусот во него е ставен на соработката во областа на разузнавањето, АБХО, воената полиција и развојот на Лесната пешадиска баталјонска група, како и користењето на армискиот полигон „Криволак“ и учеството на обуките во Регионалниот центар за односи со јавноста. Двете земји учествуваат во многубројни регионални иницијативи, како САД – Јадранската повелба, иницијативата СЕДМ, Бригадата на Југоисточна Европа, Форумот на началниците на Генералштабот, Центарот за безбедносна соработка – РАКВИАК и Балканските медицински наменски сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Ковачки: Ветуваме изградба на експресниот пат Кочани-Виница- Делчево, реконструкција на пругата Кочани – Велес, катна гаража и старечки дом
„Денеска во пресрет на големиот христијански празник сме во посета на Кочани. За Кочани предвидуваме изградба на експресниот пат до Делчево, и тоа во два мандати. Потоа, реконструкција на пругата Кочани – Велес, третман на атмосферските и фекални отпадни води на Пониква и секако 17 милиони евра за нашиот град Кочани за изградба на Јужниот Булевар, за изградба на катна гаража и изградба на старечки дом“, кажа Драган Ковачки, носител на изборна единица 3.
„Пред нас се историски избори на 8 мај ве повикувам сите да ни се придружите и заеднички да ги донесеме промените. Да донесеме промена за Македонија, да заокружиме за бројот 2 за Гордана Силјановска Давкова за претседател и за Христијан Мицкоски да биде премиер на владата на Република Македонија“, изјави Драган Ковачки, носител на изборна единица 3.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје в сабота
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека на 04.05.2024 (сабота), поради одржување на манифестација по повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје по потреба ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, односно по потреба за сообраќај ќе биде затворена улицата „Самоилова“ на потегот од улицата „Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосница со улицата „Прохор Пчински“.
Министерството за внатрешни работи, исто така, ги известува граѓаните на Скопје дека на 04.05.2024 (сабота), Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.
На 04.05.2024 во периодот од 18.00 часот до завршување на манифестацијата по повод верскиот празник Воскресение Христово Велигден, во центарот на градот по потреба за сообраќај ќе бидат затворени: 1. Бул.„Партизански одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”. 2. Бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски”. 3. На возилата од јавниот градски превоз, кои поминуваат преку мостот „Гоце Делчев”, по потреба ќе им се менува трасата на движење, при што ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што поминуваат преку Центар ќе се движат по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов”, по што преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”.
Во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници. Во општина Ѓорче Петров, по потреба, за сообраќај ќе се затвора ул.„Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосница со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром, по потреба, за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче. Исто така, по потреба за сообраќај ќе бидат затворани и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти. Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.
Македонија
Македонија најдобро рангирана меѓу државите од регионот според Индексот за слобода на медиумите
Репортери без граници денеска го објавија својот годишен извештај за слободата на медиумите во светот, според кој Македонија се наоѓа на 36 место, што е за две места подобор од 38 место претходната година.
„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Понатаму, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во извештајот на Репортери без граници.
Репортери без граници ја издвојува Аргентина под новиот претседател Хавиер Милеи, која падна за 26 места, од 40 на 66 место и пишува за „спектакуларната мимикрија на руските репресивни методи“ низ Источна Европа и Централна Азија, вклучително и во Србија, каде што „провладините медиуми емитуваа Руска пропаганда, а властите им се закануваат на руските новинари во егзил“.
Индексот на слободата на медиумите и натаму го предводи Норвешка, потоа Данска и Шведска, а најлоша е ситуацијата во Еритреја, која го презеде дното на листата од Северна Кореја. Меѓу најлошите десет се и Кина, Иран, Авганистан и Сирија, пишува агенцијата Франс прес.
И Босна и Херцеговина падна многу на овогодинешната листа и сега е на 81 место, Србија е уште полошо, на 98 место, Црна Гора е на 40, Хрватска на 48 место, а Словенија на 42. Од земјите на ЕУ, послаб индекс на слободата на медиумите имаат Романија, Бугарија, Кипар и Грција, која според овој критериум е на 88-то место, најлошо во Унијата.
Албанија е на 99 место, а Косово на 75, според извештајот.